Пејачот Елтон Џон во последно време се справува со оштетениот вид по тешка инфекција на очите. За ова веќе неколку пати зборувал, а сега даде нов увид во тоа како се бори со проблемите.
„Не можам да гледам телевизија, не можам да читам. Не можам ниту да ги гледам моите синови како играат фудбал, сето тоа е прилично стресно бидејќи сум навикнат да уживам во такви работи. Прилично е вознемирувачки. Стануваш емотивен, но мора да се навикнеш на тоа бидејќи сум среќен што го имам животот кој го имам“, изјавил тој за Тајмс.
Гледа само на левото око
И покрај сè, Џон рекол дека е благодарен бидејќи го има семејството покрај себе. Тој истакнал дека моментално гледа само на левото око, што го прави снимањето во студио многу потешко од порано. „За почеток, повеќе не можам да го гледам текстот“, истакнал тој.
Потсетуваме, неодамна се појавија извештаи за влошената здравствена состојба на пејачот. Дејли Мејл објави дека неговата состојба по тешката инфекција на очите се влошила до тој степен што веќе не може да потпишува автограми. Поради инфекцијата го изгубил видот, а на лимитираните изданија на новиот албум „Who Believes In Angels?“ се потпишал само со иницијалот Е и буквата „х“ што означува бакнеж.
Паника на снимањето
Албумот бил снимен во соработка со пејачката Бренди Карлајл, а Џон претходно признал дека го фатила паника за време на снимањето на една од песните.
„Напишав песна за крај, a песната се вика „When This Old World Is Done With Me“. Дојдов до рефренот и секако дека се работи за смртта. Кога ќе дојдеш на мојата возраст, која сега е блиску до 100 години, си помислуваш: „Колку време ми останува?“ Кога стигнав до рефренот, плачев 45 минути, снимивме сè“, се потсетил пејачот.