Келнерот Гилермо Ортиз, кој работи во ресторанот Планет Холивуд на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, се згрозил откако ја отворил книшката за сметки бидејќи наместо бакшиш пронашол шокантна порака, а за тоа го обвинува Доналд Трамп.
Кон крајот на смената на 21 март, тој опслужувал брачен пар. Откако си заминале, ја зел сметката и парите, но нашол нешто што длабоко го погодило.
Ортиз за „KTLA“ изјавил дека на почетокот мислел дека сè оди добро и дека парот бил задоволен од неговата услуга – сè додека не им ја донел сметката. Тој додал дека нивниот говор на телото му навестил што мислат за него.
„Начинот на кој ме погледнаа … можеш да препознаеш кога нешто не е во ред“, рекол Ортиз пред да ја открие содржината на пораката.
„Нема бакшиш за илегалец. Врати се во Мексико“, пишувало во порака.
„Дваесет минути откако заминаа, ја отворив книшката каде што беше сметката и пронајдов белешка. Се почувствував лошо“, рекол тој.
„Ова никогаш порано не ми се случило“
Келнерот додал дека тој „воопшто не е Мексиканец“, туку Порториканец. Сепак, неговата сопруга е Мексиканка, и изјавил дека верува дека „никој нема право така да ги третира луѓето“ врз основа на нивната националност или етничка припадност.
Ситуацијата дополнително ја влошил и фактот што гостите имале можност да го одбијат автоматскиот бакшиш од 18,5 отсто доколку не се задоволни од сумата – што тие гости и го направиле. „Работам како келнер од 2014 година и ова не ми се случило досега“, рекол Ортиз.
За жал, парот веројатно нема да биде идентификуван бидејќи заминале пред да биде пронајдена пораката и платиле со готовина. Сепак, зошто некој би му напишал ваква порака на келнер кој само си ја работи својата работа?
„Веројатно ме видоа, знаеја дека сум Латиноамериканец, мислеа дека сум Мексиканец или илегалец или којзнае што помислиле“, рекол Ортиз.
„Ова се случува поради Трамп“
Поради актуелната политичка клима околу имиграцијата, тој верува дека луѓето се чувствуваат послободни да прават вакви работи.
„Ова се случува поради сè што моментално се одвива со претседателот Трамп. Мислам дека затоа луѓето се однесуваат вака“, додал келнерот.
И покрај сè, Ортиз не дозволува тоа да го скрши и особено се гордее со неговата работа и начин на живот.
„Горд сум на она што го работам. Јас сум келнер. Така ги издржувам моите деца, така го издржувам моето семејство“, порачал Ортиз.
За жал, оваа сабота ресторанот Планет Холивуд каде што работи Ортиз ќе се затвори, така што тој ќе остане без работа, а непријатната средба со гостите беше само уште еден удар за несреќниот келнер.