Талески: Мицкоски не може да не знае, втор обезбедувач од неговиот круг фатен во контакт со подземјето

Макфакс

01/04/2025

14:20

1.054

Големина на фонт

а а а

Оваа Влада и ДПМНЕ се очигледно сериозно вмешани во криминал а лица од најголема доверба на премиерот во континуитет се во комуникација со подземните нарко кланови. Имаме сериозни причини да прашаме: Дали сме сведоци на целосна криминализација на ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од Христијан Мицкоски, прашува Миле Талески, пратеник од СДСМ.

Фактите, како што вели се загрижувачки и алармантни.

„Ангел Самараков, човек од најтесното обезбедување на премиерот Мицкоски, е фатен како оддава доверливи информации на лица од скопската населба Грчец – средина добро позната по активностите на организираниот криминал. Самараков не е случаен „обезбедувач“ кој се нашол до премиерот. Тој е лојален партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата сопруга е вработена во Општина Велес и беше кандидат за советник на локалните избори – исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова значи дека се работи за човек од најблискиот круг на доверба на Мицкоски. А ова не е изолиран случај“.

Според него, пред само неколку месеци, шефот на обезбедувањето на премиерот, нападнал полицаец кој бил на должност за време на акција за борба против дрога. Се обидел да ја спречи полицијата во претрес во скопски локал, случај за кој јавноста дозна, како што вели, само откако медиумите го обзнанија па не можеше да се крие.

„Два инцидента, двајца блиски луѓе до Мицкоски и два обиди од МВР да се прикрие скандалот. Два пати вистината излезе на виделина само благодарение на медиумски притисок“.

Од неговата партија прашуваат зошто луѓето од доверба на премиерот имаат соработка со подземјето.

„Дали ова е случајна состојба или организирана шема? Дали веќе не зборуваме за Влада, туку за структура длабоко поврзана со криминални мрежи? И клучното прашање: Како обезбедувачот имал такви документи, кој му ги дал доверливите информации? Кој друг е вклучен во скандалот од МВР? Само една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, државата се соочува со бранот најсериозни криминални инциденти и улични пресметки во последната деценија“, констатира тој.

Според Талески, дали државата ја води Владата, или криминалното подземје преку луѓето на Мицкоски

Ова, оценува, не е политички напад туку аларм.

„Ако премиерот на една држава се опкружува со луѓе кои ја саботираат полицијата и им пренесуваат тајни на криминалци – тогаш прашањето е: кој навистина ја води државата?“

СДСМ бара итна и целосна истрага. Бараат политичка и институционална одговорност и граѓаните да знаат што се случува зад затворените врати на оваа власт.

„Ова не е борба за власт. Ова е борба за каква држава ќе бидеме – правна и безбедна, или заробена од мафијата“, напоменува Талески.