Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат.
По тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста, додава таа, дозна за нов тендер вреден 600.000 денари, кој по информации од свиркачи се сомневаме дека бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот.
„ДПМНЕ не го негираше тендерот туку го потврди а Андоновски досега молчи. Но замислете, во потврдата на ДПМНЕ нема барање одговорност, туку дрско прашуваат да сме кажеле „Дали вработениот е некој функционер или член на комисија која одлучува во однос на набавките“.
ДПМНЕ не може ниту да го пере ниту да релативизира скандалот. Прво, постои основано сомнение за конфликт на интерес, во конкретниот случај но и во предходно објавениот скандал со тендерот кој го доби сопруг на Државната секретарка Клинчарова“, дополнува Кузеска.
Потсетува, дека на крај на секоја постапка за јавни набавки, се потпишува лична изјава за непостоење на судир на интерес за истата. Во двата скандали што ги наведовме, вели таа, постои токму тоа, осован сомнеж за судир на интерес.
„Тука се и информациите кои вработените ги имаат во однос на јавните набавки кои во министерството ќе се спроведат согласно годишниот план за јавни набавки.
За предвидената вредност за конкретна постапка, спецификациите и тендерските документации пред да станат јавно достапни. Што значи секако дека може да влијаат во обезбедување помош, информации и слично.
Во два одвоени случаи, токму најтесните семејни кругови на вработените во Министерството на Андоновски се токму оние кои ги добиваат тендерите во институцијата“, истакнува Кузеска.
Оттука, според неа, основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари.
Бараат и ДКСК да го прошири предметот кој рече дека е отворен за Андоновски и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Го повикуваат Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација.
Министерот Андоновски, како што подвлече мора да понесе одговорност, а институциите мора да покажат дека функционираат и кога се во прашање функционери од ВМРО-ДПМНЕ.