Домашно воспитување, селектирање и помалку ѓубре на улица и на депониите

Точка

01/04/2025

14:05

397

Големина на фонт

а а а

Селектирањето на отпадот не е само обврска туку и одраз на личната култура и свест на секој поединец. Исто како што во текот на животот учиме да бидеме љубезни, да почитуваме ред во сообраќај или се грижиме за хигиената дома, така е и со селектирањето што треба да стане дел од секојдневните навики.

Селектирањето на отпадот е и огледало на домашната култура, свест и одговорност кон животната средина. Тоа не е нешто што треба да го правиме само кога има контрола и санкции, туку вистински да веруваме дека е нешто што е правилно и неопходно. Што побрзо поединците успеат да ја прифатат и да ја инкорпорираат оваа навика толку побрзо ќе се трансформира во општествена норма.

Влијанието на пакувањето влијае и на животната средина и на здравјето. Компаниите воведуваат зелено пакување а биопластиката, компостирачкото пакување и рециклираната хартија се едни од најдобрите опции за намалување на отпадот и создавање подобар деловен екосистем. Амбалажата на производите извесно време изгледаше безопасно, но сега експертите покажуваат дека најголемиот дел од отпадот во светот доаѓа од пластична и картонска амбалажа која не може или не е соодветно рециклирана. Овие материјали завршуваат во природата, на депониите и влијаат на животната средина и здравјето. Сепак, кај нас, стапките на селектирање остануваат ниски што укажува на потребата од зголемување на јавната свест и подобрување на инфраструктурата за управување со отпад.


Постојат толку многу начини да се адресира проблемот со селектирање на отпадот, почнувајќи од себе и продолжувајќи со поставување на позитивен пример за блиските луѓе и заедницата. На пример, следниот пат кога ќе отидете на шопинг наместо ќеса за една употреба понесете торба – која откако ќе ја испразните ќе може да ја искористите одново и одново. Купувајте производи со амбалажа која може да се рециклира и обидете се да избегнувате поединечно спакувани производи. И секако, не заборавајте да го одложите отпадот во соодветна корпа или контејнер, за да бидете сигурни дека тој ќе заврши на рециклирање.

А тоа никогаш не било полесно од сега, благодарение на се’ подобрата отпадна инфраструктура, особено по поставувањето на Повратните вендинг машини на Пакомак. Првата повратна вендинг машина беше поставена во Скопје во 2021 година, а оттогаш вендинг машини добија и повеќе други градови, како Тетово, Прилеп, Куманово, Битола, Штип, Берово и други. Корисниците на повратните вендинг машини наменети за одложување на амбалажен отпад за секое парче отпад оставено во машината добиваат по 1 зелен поен (2 зелени поени = 1 денар), кои потоа имаат можност да ги искористат за плаќање во повеќе ланци на супермаркети, плаќање комуналии и услуги од јавен интерес и слично. На овој начин, граѓаните не само што се осигуруваат дека нивниот отпад ќе заврши на рециклирање, туку и отвораат можност за да искористат дополнителни придобивки. Во вакво сценарио, секој победува.


Во споредба со регионот ние заостануваме со селектирањето бидејќи во Европска Унија просечната стапка на рециклирање на пластични амбалажи е 35% додека кај нас овие бројки се значително пониски. Доколку како општество не преземеме мерки за подобрување на селекцијата последиците на долг рок може да бидат сериозни. Тие последици се зголемено загадување на почвата, водата и воздухот како и намалување на природните ресурси како директна последица од нечистотиите и ѓубрето а сето тоа би имало негативен импакт врз јавното здравје. Несоодветното управување со отпадот може исто така да доведе и до економски загуби бидејќи реупотребата заштедува многу ресурси.

Нашата домашна култура мора да започне да го приоритизира селектирањето бидејќи е подеднакво важно како и другите општествени норми. Тоа е еден од круцијалните начини да се заштити животната средина и да се обезбеди подобра иднина за новите генерации.