Прво сведоштво на младиот Јован Костадинов за пожарот: Се измокрив со црево и влегов низ прозорецот кај билетите, ги вадевме луѓето еден по еден

Точка

30/03/2025

09:53

1.901

Големина на фонт

а а а

Со маса го скршив прозорецот и со цревото прскавме вода внатре. Вака 19 годишниот Јован Костадинов кој спаси 21 живот во пожарот во „Пулс“ го почнува првото сведочење за она што се случувало кобната ноќ на 16 март.

За иницијативата „Поддржи го Кочани“ која произлезе за донирање средства за семејствата на настраданите во пожарот, тој заборуваше што се’ се случувало вечерта.

„Го земав цревото, се измокрив. Отидов на главниот влез, ама луѓето таму беа многу заглавени, па влегов низ прозорецот што е кај билетите. Влегов во таа соба, имаше таму четири или пет луѓе. Вратата беше заглавена, ја скршивме и почнавме да ги вадиме еден по еден“, раскажува Костадинов и додва дека не било лесно да се вадат онесвестените лица кои морал да ги носи надвор пред дискотеката, па повторно да влегува внатре.

Вели имало многу чад, а тој повеќе пати влегувал и излегувал, а патем и од се’ што го видел, му се слошило. Излегол надвор, го измиле со вода и се освежил.

Со возило бил пренесен во болницата во Кочани. Почнале да го печат очите и да му се врти, а со него имало уште две лица во возилото, биле свесни, но ги придржувал. Во болницата добиле кислород, им бил проверен пулсот. Костадинов, исто како и другите сведоци кои досега зборуваа за трагедијата, рече дека во болницата било хаос.

Откако беше пуштен од болница, Јован Костадинов беше пречекан со ракоплескање и прегратки во неговото средно училиште. Момчето се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, а компанијата „Алкалоид“ ќе го финансира неговото студирање.