Барселона вчера оствари рутинска победа над Осасуна, одвојувајќи се на врвот на табелата во шпанска Ла Лига.
Но, повредата на Дани Олмо не е единствен проблем за кој мора да размислуваат Каталонците по оваа средба, бидејќи Осасуна може да го оспори натпреварот и да бара победа со службен резултат.
Спорен за тимот од Памплона е настапот на Ињиго Мартинез, дефанзивецот кој беше дел од екипата на Ханси Флик, иако пред неколку дена беше ослободен од националниот тим поради повреда.
Осасуна го има предвид правилото на ФИФА според кое играч кој побарал да биде ослободен од националниот тим, не смее да игра натпревар за својот клуб пред да поминат најмалку пет дена.
Од натпреварот меѓу Шпанија и Холандија вчера беа поминати четири дена, па сега клучен момент е дали стручниот штаб и лекарскиот тим го ослободиле Мартинез, или тој самиот побарал да продолжи да се рехабилитира со клупските лекари.
Осасуна го истражува овој детаљ и ако утврди дека се случило второто, може да бара доделување на бодовите на „зелена маса“.