Светот шокиран! Река полна со крокодили – домаќин на веслачите на Олимписките игри во Бризбејн

Точка

25/03/2025

19:01

2.921

Големина на фонт

а а а

Олимписките игри во 2032 година ќе се одржат во Бризбејн, а посебно внимание привлече одлуката натпреварите во веслање да се одржат во реката Фицрој, која е позната по големата популација на крокодили.

Според официјалната веб-страница на Квинсленд, австралиската сојузна држава, во реката Фицрој живеат исклучиво морски крокодили, познати и како „индо-пацифички“ крокодили, кои се сметаат за потенцијално агресивни.

Крокодилите претставуваат закана за веслачите

Важно е да се напомене дека морскиот крокодил е најголемиот жив рептил на планетата. Мажјаците можат да достигнат тежина од една до еден и пол тон, а должина и до шест метри. Женките се значително помали и ретко надминуваат три метри.

Јавноста е во шок и се прашува како натпреварувачите ќе веслаат во река полна со крокодили?! Според австралиските медиуми, крокодилите главно се населени во долниот тек на реката Фицрој, која е долга околу 480 километри.


Гувернерот на Квинсленд, Дејвид Крисафули, имаше интересен коментар за загриженоста околу безбедноста на веслачите:

„Ако е безбедно за австралиските деца да веслаат таму, тогаш ќе биде безбедно и за некој Пјер од Париз“, изјави тој, обидувајќи се да ги смири спортистите пред Олимписките игри.

Локалните експерти уверуваат дека нема никаква закана од крокодилите и дека е поверојатно натпреварувачите да ги удри автобус отколку да бидат нападнати од крокодил. Сепак, Светската веслачка федерација изрази загриженост во врска со реката, а медиумите пренесуваат дека МОК сè уште не ја тестирал официјалната „патека“. Дополнително, се споменуваат проблеми со квалитетот на водата и потенцијалниот раст на алги и плевел.

Крокодилите се најактивни навечер

Сопственикот на фарма за крокодили, Џон Левер, кој има повеќе од 40 години искуство со овие животни, смета дека натпреварувачите немаат причина за грижа.

„Ова е одлична можност, реката е неверојатна. Крокодилите се најактивни навечер, а натпреварите нема да се одржуваат во текот на ноќта.“

Тој додаде дека крокодилите се помалку активни во зимскиот период, кога и ќе се одржат Олимписките игри.


„Во зима, кога температурата на водата е ниска, крокодилите стануваат летаргични и не јадат многу, бидејќи не можат да ја варат храната.“

Сепак, Левер признава дека е неопходно да се преземат мерки за да се минимизира ризикот од каков било инцидент.

„Ако постои потенцијална закана, мора да се елиминира, што значи дека треба да се започне процес на истражување, поставување замки и отстранување на сите крокодили од тој регион“, изјави тој.

Дали натпреварувачите навистина ќе бидат безбедни или Олимписките игри во Бризбејн ќе бидат запаметени како најризичните досега? Останува да се види.