Илон Маск, еден од најпознатите милијардери и сопственик на платформата Х (поранешен Твитер), беше гостин во подкастот на републиканскиот политичар Тед Круз каде откри кои според него се тројцата најпаметни луѓе на светот. Иако често предизвикува контроверзии, овој пат Маск го сподели своето мислење за луѓето на кои многу им се восхитува поради нивната интелигенција и влијание во светот на технологијата и бизнисот.
Тројца „генијалци“ според Маск: Елисон, Пејџ и Безос.
Маск ги наведе следните имиња: Лери Елисон – ко-основач на Oracle и поранешен член на одборот на директори на Tesla, Лери Пејџ – ко-основач на Google и Џеф Безос – основач на Amazon и вселенската компанија Blue Origin.
Зборувајќи за Елисон, кој беше член на одборот на Тесла помеѓу 2018 и 2022 година, Маск го опиша како „еден од најпаметните луѓе што ги познава“. Покрај деловната соработка, Елисон наводно инвестирал 1 милион долари за да му помогне на Маск да ја преземе платформата X во 2022 година.
За Лери Пејџ, Маск рече дека неговиот успех и претворањето на Google во глобален технолошки гигант се директен резултат на неговата исклучителна интелигенција. „До одреден степен, паметен човек е некој што прави паметни работи“, коментира Маск. Иако претходно беа блиски пријатели, нивната врска се залади поради несогласувањата околу развојот на вештачката интелигенција, пишуваат странските медиуми.
Трет на листата е Џеф Безос, со кого Маск има долга историја на ривалство, особено кога станува збор за вселенската индустрија. Но, тој исто така го пофали: „Џеф Безос се соочи со многу сложени и значајни предизвици“, рече Маск, мислејќи и на неговата работа со Blue Origin.
Иако се натпреваруваа со години, особено во трката за освојување на вселената, Маск сподели меме на почетокот на оваа година што сугерираше дека тензиите меѓу него и Безос почнуваат да се намалуваат. Ова поттикна шпекулации дека врската меѓу двајцата милијардери сепак може да се подобрува.