На 26 март, со почеток од 13 часот, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ќе се одржи комеморација во чест на прерано починатата Сара Пројковска-Николовска, која го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани.
Сара Пројковска беше професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност и ги пееше придружните вокали на настапот со групата ДНК на 16 март.
Пројковска беше самохрана мајка на две деца. Таа пееше придружни вокали на речиси сите поп-пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез-трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години, во 2021.
Нејзините пријатели и соработници ја опишуваат како многу позитивна личност, секогаш подготвена да помогне и со која им било чест да се познаваат и дружат во текот на годините. Таа е погребана на гробиштата во Лисиче.