Најновата студија на истражувачите од Универзитетот во Манчестер, кои ги анализирале здравствените досиеја на 95.000 луѓе, покажала дека ризикот од рак на панкреасот кај жените со дијабетес тип 2 е речиси двојно поголем, а од рак на црниот дроб пет пати поголем. Кај мажите со дијабетес тип 2 ризикот од развој на рак на панкреас изнесува 74 отсто, а ризикот од рак на црниот дроб е четири пати поголем од оној на луѓето кои немаат дијабетес тип 2.
Помал ризик бил забележан за колоректален карцином – тој изнесува 34 отсто за жените и 27 отсто кај мажите, во споредба со оние кои не страдаат од дијабетес тип 2.
„Дијабетесот и дебелината влијаат на истите видови на рак. Нашето истражување беше насочено кон откривање на ефектите на дијабетесот врз развојот на ракот, откако ќе се адаптираме на другите фактори на ризик, како што е дебелината“, објасни Овен Типинг, студент кој работел на студијата со професорот Ендрју Ренехан од Универзитетот во Манчестер.
Дебелината е поврзана со 13 видови на рак
Претходните студии ја поврзувале дебелината со 13 видови на рак, од кои многумина се почести кај луѓето со дијабетес. Експертите, сепак, имале проблем да идентификуваат дали самиот дијабетес го зголемува ризикот за одредени видови на рак.
Затоа ја анализирале британската банка на биолошки податоци, која чува податоци за здравствената историја и животните навики на повеќе од половина милион луѓе. Тие ја анализирале евиденцијата на 23.750 луѓе на кои неодамна им бил дијагностициран дијабетес тип 2 и ги споредиле со податоци од повеќе од 70.000 луѓе без дијабетес.
Истражувачите откриле скок во дијагнозите за рак набргу откако на луѓето им бил дијагностициран дијабетес, а тоа го објасниле со фактот што во тој период пациентите биле изложени на зголемен број на тестирање.
Земајќи го ова предвид, британските експерти ги исклучиле сите случаи на кои им бил дијагностициран рак во првата година откако заболеле од дијабетес.
Висок инсулин, гликоза и хронично воспаление
Според студијата, во првите пет години по дијагнозата, шансата за развој на карциноми поврзани со дебелината била 48 отсто поголема кај мажите и 24 отсто поголема кај жените.
Од друга страна, кај жените со дијабетес не бил откриен поголем ризик за развој на рак на ендометриумот или рак на дојка во споредба со жените кои немале дијабетес.
Типинг рекол дека е премногу рано да се знае дали луѓето со дијабетес ќе имаат корист од скринингот за рак, но додал дека е важно ракот на панкреас рано да се открие.
Не е јасно како дијабетесот може да предизвика рак, но научниците се сомневаат на високи нивоа на инсулин, високо ниво на гликоза во крвта и хронично воспаление. Половите разлики можат да бидат резултат на нивото на хормоните, од тоа колку телото е чувствително на ефектите на инсулинот или варијации во телесните масти.
Студијата ќе биде претставена во мај на Европскиот конгрес за дебелина во Малага.