Во 1960-тите, Швајцарија имала една од највалканите води во Европа. Денес, нејзините градови можат да се пофалат со реки и езера кои ги инспирираат другите земји да се стремат кон чиста вода.
Според податоците на Европската агенција за животна средина, во 2023 година, само пет од 196 места за капење биле оценети со лош квалитет. Меѓутоа, состојбата на водите во Швајцарија не била секогаш ваква, пренесе „The Guardian“.
Дури и во 1960-тите, швајцарските води ги уништувале алги, морска пена, ѓубре и мртвите риби кои лебделе на површината. Непречистената канализација и индустриската отпадна вода течеле директно во реките и езерата, а капењето во реките како Аре и Лимат било забрането со децении бидејќи луѓето можеле да се разболат од само мала голтка вода.
Избувнувањето на тифус во 1963 година во планинското одморалиште Зермат уби три лица, а заболе 437. Оваа трагедија ги поттикнала жителите да побараат од владата да ги исчисти водните патишта за кои се покажало дека биле извор на епидемијата. Во 1971 година, прочистувањето на отпадните води било впишано во нивниот закон.
Денес, 98 отсто од населението е приклучено на пречистителна станица за отпадни води, во споредба со само 14 отсто во 1965 година. Швајцарија е позната по својата недопрена вода, која локалното население ја нарекува „сино злато“ – а сето тоа благодарение на мрежата на постројки за прочистување на водата.
Лидер во прочистување на водата со микрополутанти
Во 2016 година, Швајцарија станала првата земја што донела закон за чистење на хемикалиите што се акумулираат во водните патишта. Сега е лидер во чистење на вода загадена со микрополутанти – мешавина од хемикалии што е речиси невозможно да се детектираат во водата. Една од нивните многубројни постројки за прочистување е Вилет, прва во Женева која чисти микрозагадувачи и филтрира 250 литри вода секоја секунда.
„Висококвалитетната вода е многу важна за жителите“, рече Мајкл Метл, менаџер за технологија за отпадни води во Холингер. „Внимаваме да не ја загадиме водата на нејзиниот пат низ Швајцарија“.
Според анализата на „Ends Report“, во 2022 година, владата потрошила просечно 174 фунти (206 евра) по лице за прочистување на водата.
Швајцарија во моментов има 37 пречистителни станици за микрополутанти, а се проценува дека до 2040 година ќе има приближно 140. „Во однос на микрополутантите ние сме 10 до 15 години пред соседните земји“, изјави Метл.
„Луѓето не сфаќаат колку работа е потребна за да се добие чиста вода во Швајцарија“, рече Метл и додаде дека Швајцарците се горди на својата вода: „Таа им овозможува да уживаат во здрав и среќен живот“.