Еден истражувач направи интригантно откритие додека ги анализираше податоците собрани од телескопот Џејмс Веб на НАСА.
Додека ги проучуваше снимките од програмата „Напредна длабока вселенска анкета“ (JADES), вонредниот професор по информатика на Државниот универзитет во Канзас, Лиор Шамир, откри дека од 263 анализирани галаксии – дури две третини ротираат во насока на стрелките на часовникот, додека само една третина ротира во спротивна насока.
Овие резултати, објавени во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, ја доведуваат во прашање долго прифатената претпоставка дека во универзумот би требало да има приближно еднаков број галаксии што ротираат во двете насоки.
„Сè уште не е јасно што ја предизвикува оваа појава“
„Сè уште не е јасно што ја предизвикува оваа појава, но постојат две можни објаснувања“, вели Шамир.
Првата можност е дека универзумот е роден во ротирачка состојба. Оваа теорија се совпаѓа со некои постоечки космолошки модели, како што е теоријата за црната дупка како универзум, според која целиот наш универзум се наоѓа внатре во една црна дупка.
Овие сознанија ја поддржуваат и Шварцшилдовата космологија, теорија според која нашата галаксија е заробена во црна дупка, која, пак, е дел од поголем универзум.
Според "Space.com", доколку оваа теорија се потврди, тоа би значело дека многу од црните дупки што ги набљудуваме всушност се црвоточини – или Ајнштајн-Розенови мостови – кои водат кон други универзуми. Тие остануваат невидливи за нас, бидејќи црните дупки ја заробуваат светлината.
„Најлогичното објаснување е дека универзумот е роден во ротирачка црна дупка“
„Наједноставното објаснување за ротирачкиот универзум е дека тој е роден во ротирачка црна дупка“, вели д-р Никодем Поплавски, теоретски физичар од Универзитетот Њу Хејвен.
Поплавски, кој не бил дел од истражувањето, но е познат по своите идеи за постоењето на портали кон други универзуми, објаснува дека ротирачката оска на „родителската“ црна дупка може да објасни зошто галаксиите имаат асиметрична распределба на ротацијата.
„Доколку телескопот Џејмс Веб потврди дека галаксиите имаат префериранa насока на ротација, тоа би било силен доказ дека црните дупки создаваат нови универзуми. Било би неверојатно возбудливо овие резултати да се потврдат“, додава Поплавски.
Друго објаснување: Оптичка илузија предизвикана од движењето на Млечниот Пат?
Сепак, постои и друга можност – дека ротацијата на Млечниот Пат влијае врз начинот на кој ги набљудуваме далечните галаксии.
Земјата се движи околу центарот на Млечниот Пат, што може да ја искривува светлината што ја детектираме. Галаксиите што ротираат спротивно од нашиот правец на движење можат да изгледаат посветли, што создава привидна нерамнотежа во податоците од проучувањата на "JADES", сугерира Шамир.
Со други зборови, брзината на ротација на нашата галаксија можеби ги нарушува астрономските мерења, иако досега се сметало дека тој ефект е незначителен.
Можни импликации за космологијата
„Ако ова се покаже како точно, ќе мора повторно да ги калибрираме мерењата на далечните галаксии“, истакнува Шамир.
„Оваа нова калибрација би можела да објасни и други нерешени космолошки мистерии, како што се различните проценки за брзината на ширење на универзумот или набљудувањата кои сугерираат дека некои галаксии се постари од самиот универзум.“