Единственото познато сценарио на Жан-Лук Годар за филмот „Без здив“ (Breathless (À Bout de Souffle)) ќе се најде на аукција во јуни, откако околу 70 страници од неговите рачно напишани белешки и синопси на некои од најпознатите сцени на филмот, вклучително и драматичното отворање на филмот, беа откриени на имотот на продуцентот Жорж де Боргард, објави „Гардијан“.
„Без здив“, кој ја следи аферата меѓу една американска студентка во Париз (Жан Себерг) и нејзиниот дечко хулиган кој е баран за пукање во полицаец ( Жан-Пол Белмондо), е клучен филм на француското движење „Нов бран“.
Иновативниот метод на работа на Годар значеше дека сценаријата за неговите филмови беа ретки, бидејќи тој избегнуваше формални сценарија и сакаше да пишува дијалози ноќта пред снимањето, за да ги охрабри актерите да се однесуваат природно. Имал и склоност кон уништување на пишаните записи.
Ана Хајлброн, раководителка на одделот за книги и ракописи во „Сотби“ во Париз, кој го продава ракописот заедно со фотографии и други предмети од имотот на Де Боргар, рече: „Беше неверојатен шок што имам во моите раце ракопис што е запис за историјата на француската и светската кинематографија“.
„'Без здив' е култен филм за целиот свет и овде гледаме дел од дијалозите, сцените, трејлерот, за првпат од 1960 година. Колку што знаеме, тоа е единственото сценарио од ваков вид“, истакнала таа.
Ракописот, проценет на 350.000 до 500.000 фунти (596.920 евра), ќе биде продаден како дел од онлајн аукцијата за книги и ракописи на „Сотби“, отворена за наддавање од 14 до 18 јуни.