Спас за физичкото и менталното здравје: Ова била секојдневната рутина на астронаутите заглавени во вселената цели девет месеци

Точка

21/03/2025

14:15

1.611

Големина на фонт

а а а

Суни Вилијамс признава дека заборавила како е да оди, седи и лежи, но една активност била задолжителен дел од нејзината дневна рутина.

Кога во јуни минатата година, Суни Вилијамс и Бери Вилмор ја започнаа својата нова вселенска мисија, планот беше да останат на Меѓународната вселенска станица (ISS) само осум дена. Меѓутоа, ситуацијата драстично се искомплицира и тие наместо осум дена, во вселената останаа цели девет месеци. Најважно е што конечно се вратија на Земјата.

Животот во вселената е речиси незамислив за луѓето на Земјата, а за време на едно видеојавување, откако помина неколку месеци во услови на микрогравитација, Вилијамс коментираше дека со месеци не одела, не седела, ниту лежела, па дури морала да се потсети како изгледаат овие основни движења.

Долг престој во вселената има големи последици врз телото, но и врз менталното здравје на астронаутите. Затоа е клучно тие да следат строг режим на вежбање за да се спречи губење на коскената маса и мускулна атрофија поради недостаток на гравитација.


Два часа вежбање секој ден

Овој режим вклучувал два часа вежбање дневно, а Вилијамс ја практикувала својата рутина секое утро. Се будела во 5:30 часот, а од 5:30 до 7:30 времето го поминувала трчајќи, возејќи велосипед и кревајќи тегови.

Вселенски маратон

Интересно е што пред 18 години, за време на претходна мисија на "ISS", Сунита Вилијамс влезе во историјата како првата личност што истрчала маратон – во вселената. Во малите простории на Меѓународната вселенска станица, таа истрчала 42 километри, а иако овојпат не уривала рекорди, ја одржувала својата секојдневна утринска рутина.

Одржувањето рутина во екстремни услови е еден од начините како луѓето можат да се справат со стресот и неизвесноста, објаснуваат експертите од Здружението на психолози на Онтарио за "CNBC".

Вежбањето е клучен дел од здравата рутина, не само за физичката, туку и за менталната благосостојба, што го потврдуваат бројни научни истражувања.


Повторно приспособување на животот на Земјата

По враќањето на Земјата, Вилијамс и Вилмор треба повторно да се адаптираат на животот во гравитација. Пред нив е процес од 45 дена реаклиматизација, кој вклучува персонализирана програма за заздравување, што, меѓу другото, опфаќа и два часа вежбање дневно под надзор на лични тренери.