Австриската престолнина ја гради најмоќната пумпа за дождовница во Европа

Точка

20/03/2025

20:02

2.664

Големина на фонт

а а а

Климатските промени носат почести и пообилни врнежи, а градските канализациски системи мора да се адаптираат на новите предизвици. Членот на градската влада за клима Јирген Чернохорски нагласи дека одговорна политика значи размислување за идните генерации.

„Со оваа инвестиција ја зајакнуваме инфраструктурата за уште подобро да ги заштитиме жителите на овој град од екстремни врнежи“, изјави Чернохорски.

Во моментов, пумпната станица на островот на Дунав веќе има капацитет од 40.000 литри вода во секунда. Новата пумпа, која е во изградба од август 2024 година, дополнително ќе го зголеми капацитетот, обезбедувајќи уште поголемо ниво на безбедност за градот.


За време на обилните врнежи, градскиот канализациски систем се прелева од дождовница која се меша со отпадната вода од домаќинствата. За да се спречат поплави, водата брзо се пренасочува во реката Дунав со помош на моќни пумпи. Овој систем гарантира дека улиците остануваат суви, а домовите се заштитени.

Покрај пумпата, се модернизира и останатиот дел од станицата. Ќе се инсталира нова ИТ опрема, соларна централа на покривот и енергетски ефикасни системи. Пумпата е произведена од австриската компанија „Andritz AG“ во соработка со „EQ Energie & Bau GmbH“.

Монтажата ќе започне ова лето, а пуштањето во употреба е планирано за 2026 година. Со вкупна инвестиција од 8 милиони евра, ова ќе биде најмоќната пумпа за дождовница во Европа. Во септември 2024 година, градот Виена доживеа една од најлошите бури во својата историја. Екипата на градската служба за канализација и отпадни води „Виенски канал“ без престан работела четири дена и три ноќи за да го зачува градот безбеден.


Директорот на Виенскиот канал Андреас Илмер рече дека во текот на тие денови пумпите испумпувале неверојатни 80.000 литри вода во секунда.

„Тоа е еквивалентно на празнење на сите девет базени од најголемиот базенски комплекс во Виена, Стадионабад, за само две минути“ изјави Илмер. Проектот не само што носи безбедност од поплави, туку придонесува и за заштита на животната средина. Новата пумпна станица ќе има еколошки прифатливи извори на енергија, вклучувајќи соларна централа од 260 kV на покривот, енергетски поефикасен систем за греење и подобра изолација на објектот. Ова ќе заштеди околу 50.000 евра годишно и ќе ги намали емисиите на CO2 за 300 тони, објави градската канцеларија на градот Виена.