Гробница на непознат египетски крал е откриена во древната некропола во Абидос, соопшти Министерството за туризам и антиквитети на Египет.
Гробницата се наоѓа на длабочина од 7 метри и содржи погребна комора од варовник, обложена со тули од кал.
Оригиналната висина на комората била 5 метри, а се проценува дека е стара околу 3.600 години, пренесува "LiveScience".
Major discoveries in Sohag!
— Ministry of Tourism and Antiquities (@TourismandAntiq) March 16, 2025
A royal tomb (1700–1600 BCE) was uncovered in Abydos, while a Roman-era pottery workshop was found in Banawit, shedding light on Egypt’s ancient industries. pic.twitter.com/NGrkm2HRrB
Непознат крал од периодот на Хиксите
Истражувачите веруваат дека овој мистериозен владетел управувал со Египет за време на „Вториот меѓупериод“ (околу 1640 – 1540 п.н.е.), кога северниот дел на земјата бил под контрола на Хиксите, додека различни египетски кралеви владееле со југот.
„Кралското име првично било запишано во слика на ѕидот, што го украсувал влезот во погребната комора. Сепак, хиероглифскиот текст бил оштетен од ограбувачи на гробници, па останатите траги не се доволни за да го прочитаме името“, изјави за "LiveScience" Џозеф Вегнер, професор по египтологија и египетска археологија на Универзитетот во Пенсилванија, кој го предводи истражувачкиот тим.
Гробницата била целосно ограбена – од неа исчезнале остатоците од кралот и неговиот саркофаг, додаде Вегнер. Истражувачите продолжуваат со ископувањата во околината на гробницата.
„Можно е во оваа област да има уште кралски гробници од истиот период, што би можело да помогне во идентификацијата на овој владетел“, изјави Вегнер.
Второ големо откритие оваа година
Ова е втората кралска гробница откриена од почетокот на годината. Во февруари, археолозите објавија дека била пронајдена гробницата на Тутмос II (Тутмес II) – полубрат и сопруг на прочуената Хатшепсут, која по неговата смрт владеела со титула на фараон.
„Приближно две стотини години го делат Средното царство од почетокот на Новото царство. Ова е втората фаза во египетската историја кога централната власт ја изгубила контролата над целата земја, а различни региони формирале независни единици – познати како „меѓупериоди“.
Првиот меѓупериод бил релативно краток (околу сто години) и главно бил обележан со граѓански војни меѓу локални групи, кои се бореле за превласт. Наспроти тоа, Вториот меѓупериод траел значително подолго, а најголемиот дел од Египет бил под доминација на странски владетели – таканаречените Хикси. Потеклото на овие странски владетели и како точно ја презеле власта сè уште е предмет на дебата“, пишува Амели Курт во книгата „Стариот Исток“.
„Ова е значајно откритие“, изјави за "LiveScience" Ана-Латифа Мурад-Чизек. „Откритието додава нови докази за инаку оскудните информации и записи за владетелите од оваа ера.“