Предолгото седење му штети на срцето и покрај физичката активност: Откриен бројот на ризични часови поминати во седечка положба

Точка

19/03/2025

19:39

907

Големина на фонт

а а а

Седентарниот начин на живот го зголемува ризикот од најчестите срцеви заболувања, дури и кај луѓето кои ги исполнуваат препорачаните упатства за вежбање, откри новата студија.

Студијата на истражувачите од „Mass General Brigham“, објавена во списанието „Journal of the American College of Cardiology“, нагласи дека едноставното вежбање после долг ден поминат во седење можеби не е доволно за спротивставување на штетните ефекти кои седентарниот начин на живот ги има врз здравјето на срцето.


Наодите откриле дека продолженото време на седење е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, особено срцева слабост и смрт предизвикана од кардиоваскуларни болести. Замената на седењето со други активности значително ги намалува овие ризици.

Студијата исто така покажала дека исполнувањето на препорачаните нивоа на умерена до посилна физичка активност можеби не е доволно за да се намали кардиоваскуларниот ризик доколку прекумерното седење остане дел од секојдневниот живот.


„Многу од нас го поминуваат поголемиот дел од денот седејќи, и иако има многу истражувања кои ја поддржуваат важноста на физичката активност, знаевме релативно малку за потенцијалните последици од премногу седење, освен нејасната свест дека тоа би можело да биде штетно“, рече водечката авторка Езимака Ајуфо, кардиолог во болницата „Mass General Brigham“.

„Ризикот остана дури и кај луѓето кои беа физички активни, што е важно бидејќи многумина од нас седат и мислат дека ако можеме да излеземе надвор на крајот од денот и да вежбаме, можеме тоа да го избалансираме“, додаде таа.

Наоди од студијата и здравствени ризици

Ајуфо и нејзиниот тим анализирале податоци од 89.530 лица од Обединетото Кралство. Тие ја разгледале поврзаноста помеѓу дневното време поминато во седење и идниот ризик од четири вообичаени кардиоваскуларни болести:

атријална фибрилација

срцев удар

срцева слабост

смртни случаи од кардиоваскуларни причини.

Тимот користел алгоритам за машинско учење за да го класифицира седечкото однесување.


Седењето подолго од 10,6 часа го зголемува ризикот од 4 срцеви заболувања

Тие откриле дека седечкото однесување е поврзано со поголем ризик од заболување од сите четири типа на срцеви заболувања, со ризик од 40 до 60 отсто од срцева слабост и кардиоваскуларна смрт кога луѓето седат повеќе од 10,6 часа дневно, несметајќи ги часовите поминати во спиење.

Многу од негативните ефекти на седечкото однесување постоеле дури и кај оние поединци кои имале повеќе од препорачаните 150 минути умерена до посилна физичка активност неделно.


Имено, иако студијата открила дека ризикот од атријална фибрилација и срцев удар во голема мера може да се елиминира со практикување физичка активност, вишокот ризик од срцева слабост и кардиоваскуларна смрт може само делумно да се надомести со физичка активност.

Важноста на намалување на времето поминато во седечка положба

„Нашите податоци ја поддржуваат идејата дека секогаш е подобро да се седи помалку и да се движи повеќе за да се намали ризикот од срцеви заболувања и дека избегнувањето на прекумерно седење е особено важно за намалување на ризикот од срцева слабост и кардиоваскуларна смрт“, рече коавторот на студијата Шаан Куршид, електрофизиолог.

Истражувачкиот тим се надева дека овие наоди ќе помогнат во информирањето на идните упатства и напорите за јавно здравје. Тие би сакале идните проспективни студии да ја тестираат ефикасноста на интервенциите на јавно здравје кои им помагаат на луѓето да го намалат бројот на часови што ги поминуваат седејќи и да видат како тоа влијае на кардиоваскуларното здравје.


Тие, исто така, планираат да го прошират ова истражување за да го истражат влијанието на седечкото однесување врз низа други болести и во подолги временски периоди.

„Вежбањето е важно, но се чини избегнувањето на прекумерното седење е особено важно“, истакнал еден од авторите на студијата, д-р Патрик Елинор, кардиолог и директор на центарот за срце во Општата болница во Масачусетс, пренесе „Sci Tech Daily“.