Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да е врвен приоритет, препорака од Лекарската комора

Макфакс

18/03/2025

14:58

227

Големина на фонт

а а а

Лекарската комора ја поздравува „навремената реакција на надлежните институции во нашата земја, како и срдечната помош и поддршка што ја даваат другите држави со згрижување на најтешко болните пациенти повредени во пожарот во Кочани“.

Овој начин на организација, според нив е клучeн зa пациентите да добијат вистинска шанса со соодветна и високо стручна медицинска помош да ја надминат тешката здравствена состојба во која се наоѓаат.

Оценуваат дека поддршката што ја добиваме од другите држави, како со згрижување на пациентите, така и со лекарска експертиза, заедно со посветената работа на нашите доктори е најважна во овие моменти за да се спречи да расте бројката на трагично загинати.

Лекарската комора, исто така, апелира да се почитуваат медицинските протоколи за лекување и заштита на ваков тип на пациенти, кои предвидуваат изолација и забрана за посети.

„Мора да се има предвид дека овие болни имаат мултисистемско засегање на организмот и зголемен ризик од инфекции. Секој дополнителен контакт со надворешни лица, директно и сериозно, може да го загрози нивното здравје. Присуството на цивилни лица кај овие болни, исто така, може да предизвика и непотребен стрес и вознемиреност, како и да го попречи работењето на медицинскиот персонал“.

Ги повикуваат сите институции, политичари, медиуми, граѓани и здравствени работници да ги почитуваат медицинските протоколи, а здравјето на повредените да го сметаат за највисок приоритет.

„Веруваме дека со таков однос ќе се постигне поголема доверба кај јавноста, отколку со непотребни директни посети на болните“, истакнуваат од Лекарската комора.