Британскиот сатиричар и писател Џорџ Орвел почина на 21 јануари 1950 година, а јавноста го познава по романите „1984“ и „Животинска фарма“, чие сценарио беше речиси уништено за време на бомбардирањето на Лондон во 1944 година.
Малкумина знаат дека Џорџ Орвел всушност е псевдоним под кој ги пишувал своите дела. Неговото вистинско име било Ерик Артур Блер. Тој израснал во просечно англиско семејство, но неговиот живот бил сè, само не просечен. Како дете поминувал време во предучилишната установа „Свети Кипријан“, која воопшто не му се допаѓала, а ја нарекол „скапо, снобско училиште што се заканува да стане поскапо“, додавајќи дека таму работат „само ужасни, ужасни чудовишта“. Кога пораснал, пред да стане познат како писател, работел на многу различни работни места, како библиотекар, професор, полицаец, водител на каналот Би-Би-Си за време на Втората светска војна и воен дописник.
За доброто на својата работа, правел се и сешто, а во една прилика дури „договорил“ да биде уапсен и да помине време зад решетки, затоа што тоа му било потребно за неговите романи. Тој поминал 48 часа во затвор, а за тоа пишувал во есејот „Клинк“, кој, за жал, никогаш не бил објавен.
Неговата бунтовничка и необична страна се рефлектирала и во тетоважата што ја имал на зглобот, сини кругови, налик на портокали, за кои еднаш објаснил дека се симбол на племе од Бурма и служат за енергетска заштита. Течно зборувал бурмански, а покрај него уште шест други јазици.
Тој е познат и како воен херој. Се борел во Шпанската граѓанска војна, каде што бил застрелан во вратот, но за среќа преживеал. Малкумина знаат дека Орвел имал и необично милениче, кое го инспирирало да ја напише познатата „Животинска фарма“. Станува збор за коза, а оние кои го прочитале овој роман ќе се сетат дека козата имала пресудна улога во тоа дело.
Куршумот во вратот не е единствениот пат кога Орвел за малку ќе го загубел животот. Додека правел пауза од пишувањето на романот „1984“, тој отишол во западна Шкотска со својот син и внуците, каде што за малку ќе се удавел кога биле вовлечени во вртлог за време на возењето со брод.
Орвел се смета за првиот човек во светот кој го употребил терминот „студена војна“ во своето дело „Ти и атомската бомба“, термин кој подоцна стана широко употребуван за војната меѓу САД и Советскиот Сојуз.