Барање на граѓаните на Кочани: Не крадете ни ја тагата, не претворајте ја во содржина за гледаност

Макфакс

18/03/2025

11:43

693

Големина на фонт

а а а

„Почитувани медиуми, портали, сите што известувате за оваа трагедија, размислувате ли пред да објавите? Ги гледате ли насловите што ги пишувате? Дали сте свесни дека овие имиња што ги објавувате не се само бројки. Тоа беа нечии деца. Нечии браќа, сестри, родители. Овој град е мал. Секој од нас загуби некого. Секој од нас познава барем две-ри жртви. И секој од нас ќе живее со оваа болка засекогаш. Дали за вас е добра содржина да објавувате видеа и фотографии од родители што стојат пред болница, со солзи, со раце што им се тресат, со срца што им се кинат?“, се наведува во објавата на социјалните мрежи.

„Дали сметате дека треба да се споделуваат моменти кога татко паѓа на колена викајќи од болка? Кога мајка, која девет месеци носела живот во себе, го доела, го чувала од секое зло, сега стои скршена, без надеж, без сила, без своето дете.

Дали навистина ова ви изгледа како нормална објава? Дали е вредно за кликови и лајкови? Родители изгубија единствени синови, единствени ќерки. Сите соништа што ги имале, сите години љубов, сите жртви што ги направиле – се избришани за една ноќ.

155 семејства сега не дишат, не спијат, не живеат, само чекаат. Со телефонот в рака, со надеж, со молитви. Во секоја болничка соба има по едно дете што се бори за живот. По една мајка што го држи за рака и шепоти: „Сине, бори се, ќерко, бори се“.

А вие објавувате снимки од нивните солзи. Ја продавате нивната болка за кликови. Ја споделувате нивната трагедија како сензација. Го почитуваме секој ваш збор на поддршка, но немојте да ни ја крадете тагата. Не претворајте ја во содржина за гледаност. Не смеете да ги делите моментите на очај, на распад, на изгубена надеж“, се додава во објавата на социјалните мрежи.