[ВИДЕО] Договор без преседан проследен со спектакуларно видео: САД ги депортира криминалците во Ел Салвадор

Точка

17/03/2025

19:37

1.629

Големина на фонт

а а а

Во рамки на несекојдневниот договор меѓу САД и Ел Салвадор, повеќе од 200 луѓе кои Белата куќа ги означи како членови на криминални банди беа депортирани во централноамериканската земја, и покрај судската забрана.

Овој потег предизвика бура од реакции во правните и политичките кругови, а американските и салвадорските функционери го опишаа како одлучен удар за организираниот криминал.

Депортација и покрај судската забрана

Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, на социјалните мрежи објави дека во неделата наутро во неговата земја пристигнале 238 членови на венецуелската банда Трен де Арагуа, заедно со 23 членови на озлогласената банда МС-13. Сепак, ниту владата на САД, ниту владата на Ел Салвадор не ги објавија идентитетите на депортираните, ниту дадоа докази за нивното криминално минато.

Одлуката за депортација наиде на правни пречки кога американскиот федерален судија Џејмс Боасберг издаде наредба за суспендирање на депортацијата на 14 дена. Сепак, според извештаите на американските медиуми, авионите со депортираните лица веќе ги напуштиле САД кога судијата издал усна наредба за суспендирање на депортацијата. Букеле на ова одговори со саркастична објава на социјалните мрежи: „Упс…Предоцна“.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп негираше дека била прекршена судската наредба, тврдејќи дека депортациите биле извршени пред да биде донесена одлуката. Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит рече дека судската одлука е „без правна основа“ и е донесена откако депортираните веќе ја напуштиле американската територија.


Во контекст на депортациите, Трамп се повика на „Alien Enemies Act“ од 1798 година, закон кој дозволува депортација на лица од „непријателските нации“ без судска постапка. Овој закон последен пат бил искористен за време на Втората светска војна за интернирање на јапонско-американски цивили. Трамп го обвини Трен де Арагуа за „насилна инвазија“ на САД и ги прогласи за безбедносна закана.

Оваа одлука наиде на осуди од меѓународните организации. Амнести Интернешнал ги нарече депортациите „уште еден пример за расистичката политика на администрацијата на Доналд Трамп“. Венецуела го обвини Трамп дека „неправедно ги криминализира венецуелските мигранти“ и направи паралела со најмрачните епизоди во историјата на човештвото, вклучително и ропството и нацистичките концентрациони логори.

Шишање и строги правила во затворот „Cecot“

По пристигнувањето во Ел Салвадор, депортираните биле префрлени во озлогласениот центар за притвор на терористите (Cecot), во кој може да се сместат до 40.000 затвореници. Букеле објави видеоснимка која го прикажува пристигнувањето на затворениците – со лисици, со наведнати глави, под голема придружба на вооружени стражари. Исто така на видеоснимката може да се види како затворениците поминуваат низ процесот на потстрижување на косата пред да бидат префрлени во нивните ќелии.

Букеле рече дека депортираните ќе бидат задржани најмалку една година, со можност за продолжување на тој период. Овој затвор, кој е клучен дел од неговата антикриминална политика, веќе беше критикуван од организациите за човекови права поради наводни случаи на тортура и малтретирање на затворениците.


Овој договор го означува зајакнувањето на дипломатските врски меѓу САД и Ел Салвадор. Трамп му се заблагодари на Букеле за соработката, а државниот секретар Марко Рубио го нарече салвадорскиот претседател „вистински сојузник во борбата против криминалот“.

Трамп, кој се соочува со предизвици во спроведувањето на неговата строга имиграциска политика, со оваа депортација се обидува да го исполни своето предизборно ветување за масовни депортации. Иако бројот на илегални преминувања на границите е значително намален од почетокот на неговиот втор мандат, Трамп наводно е незадоволен од бавното темпо на депортациите.