Осамна ново утро во Македонија. Можеби доаѓа пролет, но воздухот мириса на болка, траор и очај. Вчера ја доживеавме најголемата трагедија од нашата независност.
Малку е да се каже дека ништо човечно повеќе не остана во нас. Сè повеќе се наметнува прашањето дали има спас за овој „библиски народ“, како што милуваме да се наречеме, а без да трепнеме за миг ги прекршуваме сите 10 Божји заповеди. И продолжуваме без нималку страв, срам, морал во нас.
Вчерашниот ден ова парче земја го обви во црнина, така да излишни се сите зборови. Семејствата ќе живеат со таа болка, а 16 март ќе остане како еден од најцрните датуми во животите на сите нас.
Сопругата на Андреј од дуото ДНК, кој вчера го загуби својот живот во обид да спаси туѓи, не размислувајќи на последиците – денес за првпат се огласи во јавноста. И покрај сета болка, таа смогнала сили да ја раскаже и нејзината приказна и да стави крај на шпекулациите и дезинформациите кои од вчера не стивнуваат.
Нејзиното излагање ви го пренесуваме во целост.
„Во овој момент, кој е најтежок за нас, медиумите и државните институции, ме предизвикувате за прв пат да се обратам до македонската јавност.
Во текот на вчерашниот ден, по потрага на својот сопруг Андреја Ѓорѓиески, да го најдам во некоја од болниците, на домашна адреса не посетила криминалистичката служба која без објаснување го барала мојот сопруг, во присуство на нашето дете.
Истата служба ме побара телефонски во неколку наврати со НАЈНЕХУМАН однос да дадам информација каде е мојот сопруг со цел да даде изјава за настанот, за што истото прашање го упатив кон нив.
Од медиумите, кои пренесуваат ЛАЖНИ информации, дознале дека сопругот е на домашно лекување, додека тој лежи во болницата во Кочани, мртов.
Ги замолувам сите јавни медиуми да не шират дезинформации на социјалните мрежи.
Ги замолувам и јавните органи да си извршат детален увид за целиот трагичен настан.
Во овој тежок момент за сите нас, ЈАВНО ги замолувам институциите и медиумите да ја почитуваат пред се, нашата приватност.
Лажни објави дека мојот сопруг е на домашно лекување и дека пиротехниката е донесена од страна на бендот, ве молам, НЕ ШТИТЕТЕ НЕКОЈ КОЈ ТРЕБА ДА Е ПОЗАДИ РЕШЕТКИ!
Како сопруга и мајка на малолетно дете, покажете малку сочувство, а така и за поблиското семејство и пријателите …“
Почивајте во мир, сега сте на подобро место.