Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа тематска прес-конференција посветена на вчерашната трагедија во Кочани. Изразувајќи искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, тој нагласи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање и активно работи на обезбедување неопходна помош и поддршка.
Министерот истакна дека уште во утринските часови вчера беше формиран Кризен штаб, кој го координира процесот на испраќање на повредените македонски граѓани на лекување во странство. Воедно, тој оствари телефонски разговори со неговите хомолози од Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, Босна и Херцеговина и Словенија, како и со господинот Ричард Гренел, во име на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кои понудија поддршка и помош за справување со кризата.
„По интензивната комуникација со моите колеги, за само помалку од 12 часа од несреќата, првите пациенти беа на пат кон државите каде што веќе е започнато нивното лекување. До утрово, вкупно 51 македонски граѓани се испратен на лекување во следниве земји: Турција – 9 пациенти, Бугарија – 14 пациенти во три болнички установи, Грција – 4 пациенти, Србија – 17 пациенти, Литванија – 4 пациенти, транспортирани со авион обезбеден од страна на Романија и Унгарија – 2 пациенти. Во текот на денешниот ден, се очекува на лекување да заминат дополнителни пациенти: Австрија – 6 пациенти, Словенија – 4 пациенти, Хрватска – 4 пациенти, Норвешка – 2 пациенти. Дополнително, за обезбедување медицинска помош на повредените пациенти во земјата веќе пристигна медицински тим од Чешка, а во секој момент се очекува пристигнување на медицински тимови од Израел и Белгија,“ истакна министерот Муцунски.
Воедно, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека во секоја земја каде што се испратени пациенти на лекување е назначено контакт-лице, достапно 24 часа за родителите и семејствата на пациентите за било каква помош и поддршка. Контакт-листата е јавно објавена на веб-страницата на Министерството.
Министерот Муцунски додаде дека на седница на Владата ќе предложи Службата за општи и заеднички работи да ги покрие трошоците за пат и престој во странство на членовите на семејствата на македонските пациенти што се лекуваат во странство.
Дополнително, беше истакнато дека, покрај директната комуникација со секоја земја, Министерството го активираше и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, кој овозможува координација на помошта помеѓу сите земји членки. Во следните денови се очекува помош во форма на материјално-технички средства и стручна поддршка од медицински лица.
Министерот Муцунски информираше и за активностите кои министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ги спроведува откако беа прогласени денови на жалост во Република Северна Македонија.
„Дозволете ми да истакнам дека, почнувајќи од денес, со одлука на Владата се прогласени денови на жалост. Знамињата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и во сите дипломатско-конзуларни претставништва, се поставени на половина копје, а во министерството и ДКП-ата е отворена книги на жалост, наменети за дипломатските претставници во државата и сите оние кои сакаат да искажат почит во странство.“, информираше тој.
Во оваа прилика, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изразува искрена благодарност до сите пријателски земји, не само за изразите на сочувство, туку и за дадената несебична помош во организацијата на здравствениот транспорт и лекувањето на дел од повредените македонски граѓани.