Тимот на Лос Анџелес Лејкерс се врати дома по низата на гостувања каде забележа четири порази во низа, а токму враќањето во Калифорнија придонесе „езерџиите“ да се разбудат и да го совладаат составот на Феникс Санс со 107:96.
Иако Лејкерс и понатаму игра без двајца важни играчи како Џејмс и Хачимура успеа да ги надигра „сонцата“ во соочувањето во кое во прв план беа Дончиќ со 33 поени, 11 скока, 8 асистенции и Ривс кој застана на 28 поени и додаде 6 асистенции.
За клубот од Лос Анџелес ова беше 41. сезонски триумф со што се наоѓа на 5. место на Западот. Букер и Дурент за поразените искомбинираа 40 кошеви.
Орландо Меџик пак го пронајде лекот, формулата и стави крај на серијата на Кливленд Кавалирс. Кавси влегоа во дуелот со 16 победи во низа во најсилната лига на светот и беа огромни фаворити за ново славје, меѓутоа гостите покажаа карактер, упорност и иако првата четвртина ја загубија со 38:25 во продолжението се стабилизираа, го надиграа домаќинот и му земаа мерка во неговито дом.
Петмина играчи кај победникот беа двоцифрени, лидери беа Банкеро со 24 и Вагнер со 22 поени. Ален на другата страна имаше дабл-дабл, а Мичел застана на 23 кошеви.
РЕЗУЛТАТИ:
Л.А. Клиперс – Шарлот 123:88
Минесота – Јута 128:102
Милвоки – Оклахома 105:121
Бруклин-Атланта 122:114
Портланд-Торонто 105:102
Далас-Филаделфија 125:130