Македонија доби пораки на сочувство од бројни земји во светот за трагедијата во Кочани во која загина 51 лице и повредени се повеќе од 100. Соседни Бугарија, Грција, Србија и Албанија на Македонија ѝ ги понудија и своите медицински капацитети и друг вид помош за справување со последиците.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар. Тој на Инсгаграм напиша дека „понудив, во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани“.
На крајот од објавата српскиот претседател наведува дека „ Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост за трагедијата и изразив уверување дека народот на братска Северна Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне“.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ објави дека Србија ќе испрати воени хеликоптери по повредените, за да се лекуваат на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.
Пораки на сочувство пристигнаа и од премиерот и од претседателот на Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама изрази подготвеност за пружање секаква неопходна помош.