Опозицискиот лидер Венко Филипче ги повика сите институции, здравствените работници и општеството во целина да се обединат во помошта за настраданите и нивните семејства. Додава дека и лично, како лекар, стои на располагање за каква било помош што може да ја даде
Лидерот опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, утринава изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Кочани и им посака брзо закрепнување на повредените. Сега, додава лидерот на СДСМ, не е време за поделби, туку за обединување во тагата и во напорите да се помогне.
„Со тешко срце ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е црн ден за Македонија. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива болка за семејствата, за нивните пријатели, за сите нас. Во вакви моменти, единствено што е важно се солидарноста и поддршката“, пишува Филипче во објава на Фејсбук.
Опозицискиот лидер ги повика сите институции, здравствените работници и општеството во целина да се обединат во помошта за настраданите и нивните семејства. Додава дека и лично, како лекар, стои на располагање за каква било помош што може да ја даде во оваа ситуација.
Инаку, опозицискиот СДСМ, кој денеска требаше да одржи внатрепартиски избори за претседател на партијата, поради несреќата во Кочани, ги одложи изборите на неопределено време. Во меѓувреме, општинските организации на СДСМ најавија дека ќе се вклучат во помошта за настраданите во пожарот.