ЛДП: Тажен ден за Македонија – изразуваме искрено сочувство до семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани и бараме одговори за причините

Макфакс

16/03/2025

09:48

253

Големина на фонт

а а а

ЛДП изрази сочувство до семејствата и блиските на настраданите по страшниот пожар кој се случи во кочанска дискотека.

„Либерално-демократската партија е во шок и неверување и изразува жалење и сочувство до семејствата и блиските на настраданите по страшниот пожар, кој ноќта помеѓу сабота и недела (15 и 16 март) го зафати клубот „Пулс“ во Кочани.

Македонија навистина не памети ваква трагедија. Згаснати се повеќе од десетици млади животи, уште повеќе повредени и цела држава повторно е завиена во црно.

Сведоци сме на стравичните видеа и фотографии кои пристигнуваат од Кочани и само ни додаваат на нашата тага и лутина.

Профитот и корупцијата повторно го земаа данокот, овој пат во млади животи. Додека сме во најтешкото исчекување за крајната бројка на жртви и повредени, прашуваме кој дозволил да се пушти објект во употреба доколку немал соодветни услови за тоа и продал повеќе билети од дозволениот капацитет на локалот?

Дали некој не извлекол поука од сите претходни слични и трагични ситуации како оваа и дозволил ова да се случи, за на крајот цела земја да биде во жалење и сите да бараме одговори како дошло до тоа.

Болката и тагата се навистина големи, особено кога знаеме дека се работи за млади луѓе, кои никако не заслужиле нивната викенд забава да се претвори во најголемата трагедија во државата.

Во ова тешко време, повикуваме на разум и емпатија со сите погодени од оваа трагедија. Бараме од надлежните брза и ефикасна истрага за да се утврдат сите факти и оние што дозволиле ваков грозоморен чин, во најбрз можен рок да се изведат и да одговараат пред лицето на правдата!“, велат од ЛДП.