Мачка за која се верува дека умре во пожар во Лос Анџелес во јануари, докажа дека можеби има девет животи.
Кетрин Кифер (82) ја изгубила својата мачка Аги, за време на пожарот во Палисадес, кој ѝ го уништил домот. Сепак, таа не изгуби надеж дека нејзиниот миленик е сѐ уште жив, а два месеци подоцна повторно беше со неа, пренесува „Њујорк пост“.
Во март, жената добила повик од Засолништето за животни во Западен Лос Анџелес и ѝ кажале дека ја нашле Аги. Нејзината ќерка Керолин го снимила емотивниот момент кога ѝ ја вратиле мачката и го објавила видеото на TикTок, кое станало вирално и собрало повеќе од милион прегледи.
На видеото се гледа како Кифер емотивно посегнува да ја погали мачката пред да почне да плаче и да си ги брише солзите. Кога вработените во засолништето ѝ ја предаваат Аги, таа нежно ја држи до градите.
Керолајн во видеото открила дека Аги била пронајдена на нивната улица, каде им изгорел домот. Таа изјавила дека мачката два месеци живеела меѓу пепелта и урнатините и останала блиску до куќата.
„Не би можеле да бидеме повеќе благодарни на Засолништето за животни Вестсајд“, напиша таа покрај клипот, додавајќи: „Никогаш не губете надеж“.
Кифер за Асошиејтед прес изјави дека била на лекарски преглед кога пожарот стигнал до нејзината населба. Нејзините деца не можеле да ја најдат мачката додека се евакуирале, бидејќи таа често се криела.
Офицер за контрола на животни ја нашол Аги во ослабена состојба како талка во близина на нивниот дом на булеварот Бестор. Откако го скенирале нејзиниот микрочип, властите стапиле во контакт со Кифер за да го договорат нивното повторно обединување.
„Не мислев дека некогаш повторно ќе ја видам. Врската меѓу нас е како онаа што ја имате со децата. Таа навистина ми значи… Не сакам да кажам сè, но тоа е единствениот збор што ми паѓа на ум“, изјавила Кифер.
И покрај тоа што се повторно заедно, им претстојат уште тешки денови. Кога Аги била пронајдена, нејзиното крзно било изгорено и сплеткано и била неухранета. Керолајн ја опиша нејзината состојба, велејќи: „Таа буквално беше кожа и коски, во состојба на целосно гладување“.
На мачката ѝ биле потребни повеќе трансфузии на крв и сѐ уште се опоравувала во болница. Во меѓувреме, семејството започна кампања за собирање пари за ветеринарни трошоци. До објавувањето на веста, тие собраа повеќе од 27.000 долари.
„Не мислев дека некогаш ќе преболам да ја изгубам. Таа мачка навистина има девет животи… Само не губете надеж. Никогаш не ги потценувајте мачките“, изјави Кифер.