Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, заедно со локалното население од Злокуќани ги повика Владата и Министерството за здравство да ја преиспитаат намерата да го префрлат центарот за зависници од Кисела Вода во болницата во Бардовци.
„Имам крајно непријатна потреба да се обратам до јавноста затоа што се наоѓаме пред болницата за душевно болни во Бардовци, што се наоѓа на територијата на општина Карпош, и уште понепријатно ми е што граѓаните мораат на ваков начин да го изразуваат револтот, а и јас како градоначалник. Нормално е кога треба луѓе да се лекуваат. Треба и ние да создадеме услови за лекување за секого. Оваа душевна болница е речиси 60 и кусур години на оваа локација. Граѓаните се веќе научени со проблемите што ги имаат со неа со децении и очигледно дека веќе немаме никаков проблем. Но, сега се јавува еден огромен проблем затоа што Министерството за здравство сака сите лица зависници од опојни дроги да ги донесе овде и лекувањето да биде во душевната болница. Ние немаме проблем да се врши лекување, но секој треба да се лекува во својата општина. Што значи тоа? Сите зависници од општина Карпош треба да се лекуваат во Карпош и сите што се во други општини да се лекуваат на други места. Јас го побарав министерот за здравство, му објаснив дека имаме сериозна реакција од граѓаните, во исто време и јас не се сложувам со ваквиот начин на решавање на проблемите. Објаснувањето беше дека имаат само два тима“, изјави градоначалникот Јакимовски на прес-конференција.
Јакимовски предупреди дека доколку се реализира планот на министерот за здравство, директно ќе се загрози животот на жителите на Злокуќани, кои во моментот веќе трпат огромен терор од неколку семејства доселени од Косово, кои се недопирливи за полицијата, Обвинителството и судот.
„Не можеме ние само да бидеме колатерална штета, како и граѓаните на Злокуќани, затоа што имаме неодговорно министерство, не зборувам само за ова, зашто има само два тима за лекување. Замислете, сакаат сите овие зависници од дрога, кои биле во Кисела Вода, да ги префрлат овде во Карпош и замислете кое е објаснувањето. Градоначалникот на Кисела Вода имал изборно ветување дека ќе ги тргне зависниците од болницата во Кисела Вода. Јас на колегата Орце Ѓорѓиевски сакам да му порачам дека оваа работа не е наша општинска, ова е државна работа. Второ, ако тој има дадено ветување да ги трга од својата општина зависниците од дрога, јас не сум им дал ветување на граѓаните на Злокуќани и на Карпош дека ќе им доведам овде зависници од дрога од територијата на сите општини на град Скопје. Затоа сметам дека тој најмалку треба да се прави газда во туѓ двор, односно најмалку да посочува каде треба да бидат сместени. Од друга страна, морам да упатам критика до Министерството за здравство, мора да си најде решение, но на овие граѓани овде нема да дозволиме да им се наруши живеењето токму од зависниците од опојни дроги затоа што Злокуќани и сега трпи огромен терор, особено од неколку семејства што се доселени од Косово, со кои не може да се справи ни полицијата, ни Обвинителството, ни судовите, ни граѓаните и сега ако им го направиме и овој дополнителен товар на овие граѓани, буквално покажуваме желба да ги иселиме, а никако да им ги подобриме животот и животните услови“, изјави Јакимовски.
Градоначалникот предлага секоја општина да се грижи посебно за зависниците од дрога од својата општина за конечно да се надмине овој проблем.
„Општината направила сѐ, овие луѓе да живеат тука во слога и да имаме нормално функционирање на локалната самоуправа. За жал, имаме обид за нарушување на животот на овие граѓани. Минатата власт сакаше во Бардовци да ни донесе имигранти, оваа власт сака да ни ги донесе зависниците од дрога. Луѓето имаат објективни причини да се плашат кој во нивна близина ќе биде и ќе оперира. Затоа сметаме дека секој треба да се лекува во својата општина, Министерството мора да го коригира ставот, во спротивно ќе имаме сериозни проблеми. Граѓаните ова не го заслужуваат“, изјави градоначалникот на општина Карпош.
Жителите на Злокуќани предупредија дека доколку ги донесат зависниците во оваа населба, староседелците ќе бидат принудени да се иселат бидејќи ќе имаат многу проблеми со нив. Затоа јавно порачаа дека нема да се сложат со ваквата евентуална одлука на Министерството за здравство.