[ВИДЕО] Астронаутите Овчинин, Вагнер и Петит успешно слетаа по 6 месеци поминати во Вселената

Макфакс

20/04/2025

14:04

1.095

Големина на фонт

а а а

Руско-американскиот вселенски екипаж, кој повеќе од шест месеци престојуваше на Меѓународната вселенска станица, денеска се врати на Земјата со вселенскиот брод „Сојуз МС-26“, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.

Астронаутите на Роскосмос, Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, заедно со астронаутот на НАСА, Доналд Петит, се вратиле по мисијата која започна на 11 септември минатата година. Според Роскосмос, „излезот од орбитата и спуштањето кон Земјата се одвивале нормално“, а капсулата слетала во Казахстан, во близина на градот Жезказган.

Мисијата претставуваше дел од континуираната соработка помеѓу двете најголеми вселенски сили – САД и Русија – дури и во услови на геополитички тензии на Земјата.

Во меѓувреме, на 8 април годинава, вселенскиот брод „Сојуз МС-27“ беше лансиран во орбитата со тројца нови членови на екипажот – Американецот Џони Ким и Русите Сергеј Рижиков и Алексеј Зубрицки.

Овие тројца им се приклучија на постоечкиот екипаж на Меѓународната вселенска станица, кој го сочинуваа: Американците Доналд Петит, Ен Меклејн и Никол Ајерс, Русите Алексеј Овчинин, Иван Вагнер и Кирил Песков, како и Јапонецот Такуја Ониши.