Антикорупционерите ќе утврдуваат дали има корупција, непотизам и судир на интереси за тендерите што ги добил сопругот на државната секретарка Клинчарова

Макфакс

12/03/2025

09:30

522

Големина на фонт

а а а

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе проверува дали има судир на интереси, непотизам и корупција за тендерите во Министерството за дигитална трансформација кои ги добил сопругот на државната секретарка, Гордана Клинчарова. Министерот Стефан Андоновски на посебна прес- конференција за тендерите рече дека се до потписот не знаел чија е компанијата, но истражил откога го видел презимето. Компанијата ги исполнувала сите критериуми па решил да потпише за Министерството да не се соочи со судски процеси.

„Во врска со тендерите за набавка на конференциска, презентациска и ИТ опрема распишани од страна на Министерството за дигитална трансформација, кои согласно наводите изнесени во медиумите ги добил сопругот на државната секретарка, вработена во истото министерство, ве известуваме дека во Државната комисија за спречување на корупцијата оформен е предмет по сопствена иницијатива, по допрен глас, објава во медиуми“, кусо изјавија за „Макфакс“ од ДКСК.

Вчера Социјалдемократскиот сојуз, од каде алармираа за тендерите, побара вклучување на ДКСК и на Обвинителството и расчистување на случајот, а од министерот бараат оставка.

Министерот Андоновски, пак, смета дека државата не е оштетена со двата тендера што ги добил сопругот на државната секретарка во неговото министерство туку напротив, заштедил пари од буџетот на институцијата оти била постигната пониска цена и на првиот и на вториот тендер што ги добила компанијата.