Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ги удвои планираните царини за канадскиот челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, што ја ескалира трговската војна со северниот сосед на САД.
Трамп вели дека зголемувањето на тарифите што ќе стапи на сила во среда е одговор на зголемувањето на тарифите наметнато од провинциската влада на Онтарио за електричната енергија продадена на Соединетите држави.
„Му наложив на мојот секретар за трговија да додаде дополнителни царини од 25 на 50 отсто, за целиот челик и алуминиум што доаѓаат во САД од Канада, една од нациите со највисоки тарифи во светот“, објави Трамп на својата мрежа Truth Social.
„Единственото нешто што би имало смисла е Канада да стане нашата сакана 51-та држава. Тоа целосно ќе ги елиминира сите царини и сè друго. На Канаѓаните би им бидат значително намалени даноците, би биле побезбедни од кога било досега, нема да има повеќе проблеми на северната граница, а најголемата и најмоќната нација во светот би била поголема, подобра и посилна од кога било“, напиша Трамп.
„Вештачката линија на поделба нацртана пред толку многу години конечно ќе исчезне, а ние ќе ја имаме најбезбедната и најубавата нација насекаде во светот – и вашата брилијантна химна, „О Канада“, ќе продолжи да свири, но ќе претставува голеема и моќна федерална држава во најдобрата нација што светот некогаш ја видел!“ напиша Трамп.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд рече дека покраината нема да отстапи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави удвојување на тарифите како одговор на извозниот данок на електрична енергија од Онтарио од 25 отсто.
Тој потврди дека може целосно да ја прекине струјата што доаѓа од таа канадска провинција во САД.