Претседателот на СДСМ, Венко Филипче преку социјалните мрежи им се обрати на сите граѓани, а особено како што вели, на работниците.
„Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход.
ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обивнат дека сте политички мотивирани.
На ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност.
Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни.
Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго.
СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината.
СДСМ ќе продолжи да ги поддржува граѓаните кои бараат достоинствен приход, ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните. Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да не замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците“, напиша Филипче.