Светот на боксот минатата и оваа година беше преполн со возбудливи настани, со посебен акцент на спектаклите одржани во Кингдом Арената во Ријад. Меѓутоа, на почетокот на јануари 2025 година, љубителите на боксот беа потресени од веста за наводното пензионирање на Тајсон Фјури.
Откако претрпе два последователни порази од Олександр Усик, Фјури ја објави својата намера да се повлече од боксот. Сепак, многу обожаватели, експерти и боксери се скептични околу оваа одлука, со оглед на тоа што 36-годишниот Британец и претходно користел слични маркетиншки трикови, по кои повторно се враќал во рингот.
На оваа тема прозборе и Енди Ли, долгогодишниот соработник и роднина на Фјури, кој моментално постигнува импресивни резултати со Џозеф Паркер, вклучувајќи ги и победите над Жилеј Жанг, Деонтеј Вајлдер и Мартин Баколе, доближувајќи се до нов обид за освојување на титулата светски првак во тешка категорија.
„Зависи од тоа која бројка ќе му биде понудена на Тајсон“
Ли за „iFL TV“ изјави: „Колку и да звучи лошо, зависи од тоа која бројка ќе му биде понудена на Тајсон. Тоа мора да го мотивира да излезе од пензија. Во моментов делува многу среќен“. Тој се осврна и на можниот меч меѓу Фјури и Ентони Џошуа, за кој веќе долго време се зборува во јавноста.
„Навистина ми е сеедно дали ќе имаат меѓусебна борба. Би бил среќен и да ги видам како се пензионираат, односно нивните кариери да продолжат по одделни патеки. Доколку имаат меѓусебна борба, би го поддржал Тајсон и мислам дека тој би победил на тој натпревар“, изјави Ли.
На крајот од разговорот, Ли откри дека одржува контакт со Фјури и сподели како самиот Фјури гледа на неговото наводно пензионирање: „Тој ми испраќа пораки одвреме-навреме и делува многу среќен. „Енди, не сум с**бан“, тоа е она што го вели тој. Тој е навистина среќен“.