Саша Поповиќ, основач на „Гранд продукција“ и шоумен, почина денеска на 70-годишна возраст, по кратко и тешко боледување, соопшти денеска Гранд продукција.
Александар Саша Поповиќ е роден на 24 април 1954 година во Нови Сад.
- Низ децениската работа, тој беше визионер и посветен професионалец. Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера. Неговата енергија, посветеност и креативност ќе живеат засекогаш преку песните, уметниците, емисиите и сето она што тој го создал. Наследството што го остави зад себе е немерливо и го одбележа времето во кое живеел, соопштија од Гранд продукција.
Освен што беше визионер, Саша Поповиќ беше и семеен човек, сопруг и татко, кој својата најголема среќа ја наоѓаше во кругот на најблиските. Во брак со Сузана, со која сподели долгогодишна љубов и поддршка, ги одгледа своите деца Александра и Даниел, на кои им беше огромна потпора и столб.
Информации за погребот ќе бидат објавени дополнително.
Лепа Брена се огласи по смртта на Саша Поповиќ
Поповиќ и Лепа Брена соработуваа децении наназад, а покрај професионалниот однос, тие беа и семејно и приватно поврзани.
Пејачката и нејзиниот сопруг Боба се огласија по веста за загубата на пријателот.
- Ова е голема загуба за сите нас. Бевме првенствено кумови, пријатели, а потоа и најблиски деловни соработници. Сега кога требаше да ужива, ова се случи. Ова е голема загуба, што да кажеме повеќе. Беше голем, велат Брена и Боба за Блиц.рс.