[ВИДЕО] Пристигна „Палестинскиот Мар-а-Лаго“: Објавен одговорот на видеоснимката од „Трамповата Газа“

Точка

28/02/2025

16:21

1.592

Големина на фонт

а а а

Водачот на арапско-американска заедница, кој не сакал да биде именуван, создал сатирична видеоснимка, „Палестински Мар-а-Лаго“, како одговор на видеото „Трампова Газа“ кое беше направено со помош на вештачка интелигенција, а коешто американскиот претседател Доналд Трамп го сподели на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Анонимниот автор го споделил видеото „Палестинскиот Мар-а-Лаго“ со порталот „Тајмс оф Израел“, кој потоа го објавил.

Лидерот на арапско-американската заедница објаснил дека со видеото ја исмева желбата на Трамп да „наметне надворешна култура во Газа, додека во неговата држава не сакал да ја прифати истата“.

Додека „Трамповата Газа“ беше придружена со техно-музика, музиката во заднина во „Палестинскиот Мар-а-Лаго“ е ориентална и нуди обиколка на луксузното одморалиште на Трамп во Флорида, со она што нараторот го опишува како „пресврт“.

„Трансформирана е во живописна прослава на палестинската култура“, извикува нараторот, потенцирајќи дека во одморалиштето се истакнати палестински знамиња, статуи на поранешниот претседател на палестинската самоуправа Јасер Арафат и палестинскиот народ. Нараторот наведува дека не се работи само за визуелниот изглед, туку дека тоа е потсетување на издржливоста и духот на палестинскиот народ, како и мешавина од убавина, култура и малку политичка сатира“.

Видеото кое Трамп го објави во средата се чини дека беше приказ на неговата контроверзна понуда Вашингтон да ја преземе контролата врз Газа, да ги пресели нејзините жители и да ја претвори енклавата во „Ривиера на Блискиот Исток“.

Во него беше прикажано модерно крајбрежје со шеталишта, високи згради и плажи, а можеа да се забележат и невообичаени детали, како дете кое држи златен балон во облик на лицето на Трамп, но и огромна златна статуа на Трамп.


Исто така во снимката луѓето танцуваа додека банкноти паѓаа од небо, а блискиот соработник на Трамп, Илон Маск, уживаше во локалниот специјалитет и во целиот спектакл.

Меѓутоа во видеото беше прикажан и самиот Трамп, како танцува со жена, а на крајот се релаксира со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху покрај базенот во еден од неговите хотели, со голем златен натпис – „Трамп Газа“.