Меџити: Гасификацијата ќе го ублажи загадувањето за 50 до 70 проценти

Макфакс

26/02/2025

18:51

242

Големина на фонт

а а а

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денес ги прими претставниците на граѓанските организации: Центар за климатски промени, Милиеуконтакт Македонија, Еко-свест, Македонско еколошко друштво и Македонско здружение на млади правници, што работат на полето на заштита и унапредување со животна средина и климатски промени.

На состанокот, министерот Меџити ги информираше за плановите и приоритетите на Министерството за животна средина и просторно планирање, но и на Владата за следниот период, како и за можните начини и области за соработка. Меџити пред невладините еколошки здруженија изјави дека е отворен за соработка на сите полиња и секоја добра идеја која доаѓа од нивна страна е добредојдена.

Тој рече дека веќе се познати причините на загадувањето и дека се работи на решенијата.

„Работиме во правец на изградба на регионални центри за депонирање на отпад, со турска фирма разговараме за постепена гасификација на целата држава, што би придонело на намалувањена загаденоста од 50 до 70 отсто, проект вреден 1 милијарда евра, доделуваме нови 250 милиони евра за општините од кои многу се еколошки проекти, работиме на набавка на електрични автобуси, на менување на такси-возилата со електрични и многу други проекти“, изјави Меџити.

Од друга страна, претставниците на граѓанскиот сектор ја искористија оваа прилика да ја претстават својата работа и областите од интерес.

Заеднички беше ставот помеѓу институцијата и невладините организации дека постои добра соработка која и понатаму ќе продолжи да се развива и унапредува.