Македонската ракометна репрезентација ги задоволи апетитите на неодамна завршеното Светско првенство и успеа да се пласира во втората фаза на шампионатот, достигнување кое само покажа дека тимот кој го предводи Кирил Лазаров дефинитивно е на вистинскиот пат.
Сите членови од македонската експедиција најавија подобри изданија од оние во претходните неколку години, а пласманот во главната фаза и двете остварени победи им донесоа на ракометарите и очекувани премии.
Ракометната Федерација на Македонија си го одржа зборот и Управниот Одбор денеска информираше дека на репрезентацијата ќе и бидат поделени околу 50 илјади евра, или 3 милиони денари.
– По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денес Ракометната Федерација на Македонија ја исплати наградата во износ од 3.000.000,00 денари на машката сениорска репрезентација за настапот на IHF World Championship 2025. Македонската сениорска репрезентација на IHF World Championship 2025 CRO/DEN/NOR настапи во градот Вараждин Р. Хрватска и се пласираше од прелиминарната во главната фаза од натпреварувањето.
– Машката сениорска ракометна репрезентација го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, обезбедувајќи учество на девети последователен ракометен Мундијал. Со почит, Ракометна Федерација на Македонија.