Мицкоски ја повика ДУИ да достави докази за наводната корупција: Апсолутно имам доверба во работењето на господинот Меџити

Макфакс

24/02/2025

15:22

280

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека има исклучително блиска и непосредна соработка со министерот за животна средина, Изет Меџити, кого ДУИ со денови го обвинува за корупција. Мицкоски ја повика партијата да достави докази, доколку ги има.

„Сите што поседуваат докази за такво нешто ги повикувам, го знаат мојот број, ако треба, ќе напуштам состанок за да ги предадеме на органите што треба да постапуваат. Во спротивно, морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да се занимаваат со магла, магла што е оптоварена со зборот корупција, бидејќи тоа беше нивно второ име во минатото, во кое главен атрибут беше трговскиот центар ‘Соравија’ во Скопје, автомобилите ‘ролс-ројс’ на сватовите, деловните простории на тогашниот потпретседател и шеф на кабинет на господинот Ахмети и така натаму. Можам на една цела прес-конференција да ги редам скандалите. Разбирам дека тоа е Фројд и дека тоа владее со нивната потсвест, но јас апсолутно имам доверба во работењето на господинот Меџити“, рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата по објавата за реконструкциите на болницата „8 Септември“ и охридскиот аеродром „Св. апостол Павле“.

Демократската унија за интеграција и денес потсети на корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што контролата на Државниот управен инспекторат утврдила злоупотреба на службената должност на министерот Меџити и на неговиот кабинет. ДУИ наведува дека доверливи извори од Министерството за животна средина потврдиле дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата за уцени и мито со вршење притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.