Цената на патарините да се намали за 50 отсто, предлага партијата Левица

Макфакс

24/02/2025

12:43

277

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од партијата Левица, Амар Мециновиќ на прес-конференција соопшти дека пратеничката група поднела предлог за измена и дополнување на Законот за јавните патишта со цел намалување на патарините за 50 отсто и сведување на оваа тема на законска материја.

„Со години македонските граѓани плаќаат високи цени за патарини, додека патиштата остануваат во катастрофална состојба. Дупки, свлечишта, незавршени делници и криминални тендери. Само во 2023 година државата наплатила 62 милиони евра од патарини, со што Македонија е меѓу земјите со најскапи патарини во регионот и на континентот. Со просечна цена од приближно 2,6 денари од изминат километар, со патничко возило од Б – категорија. За илустрација, еден штипјанец доколку работи во Скопје на годишно ниво плаќа 1.200 евра додека кај еден Австриец на годишно ниво плаќа 100 евра за користење на сите автопатишта во неговата држава” – истакна пратеникот Мециновиќ.

Првата измена што ја предлага партијата е патарините да се намалат за 50 отсто. Со овој Закон, износот што го плаќа народот за користење на патиштата ќе биде намален за половина, за сите категории на возила и втората клучна измена е тоа што висината на патарината и нивната наплата, за првпат ќе бидат регулирани со Закон, наместо со Правилник на Владата, затоа што сега, оваа материја се регулира со Правилник на Владата, а не со Закон.

„Сметаме дека ова ќе воведе транспарентност во носењето на одлуките поврзани со патарините, затоа што досега власта можеше кога ќе посака да ги зголемува патарините без никаква контрола. Зошто е ова важно? Додека Министерствата се преполни со криминални шеми на делење на милионски тендери, народот е оставен да плаќа за нивните глупости“, изјави Мециновиќ.

Партијата го повика Собранието веднаш да го усвои овој Закон, а од позиција на одлучување, Левицата би вовела вињета систем за нашите патарини.