Грижата за менталното здравје, покрај влијанието врз емоциите и стресот, може да има и значајни позитивни ефекти врз физичкото здравје.
Најновите истражувања покажуваат дека депресијата го зголемува ризикот од развој на сериозни телесни заболувања.
Студија објавена во списанието „PLOS Medicine“ открила дека луѓето со депресија развиваат физички здравствени проблеми 30 отсто побрзо од оние кои немаат ментални нарушувања. Поради ова, експертите повикуваат на подобро поврзување на менталното и физичкото здравје.
„Депресијата е состојба што влијае на целото тело, а не само на умот. Потребни се сеопфатни пристапи во лекувањето за да се подобрат здравствените исходи на пациентите“, истакнале авторите на студијата.
Според истражувањето, возрасните со депресија имаат 30 отсто поголем ризик од развој на хипертензија, остеоартритис и гастроезофагеална рефлуксна болест во споредба со оние без депресија. Исто така, депресијата е поврзана со зголемен ризик од срцеви заболувања и дијабетес.
Истражувачите анализирале 172.556 профили од базата на податоци „Британска биобанка“, вклучувајќи медицински и болнички досиеја. Од учесниците на возраст од 40 до 71 година, 17,8 отсто имале историја на депресија.
Луѓето со депресија, во просек, имале повеќе хронични заболувања и побрзо развивале дополнителни здравствени проблеми. Најчести биле хроничните болки во зглобовите, рефлуксот и високиот крвен притисок.