Денес во просториите на Сојузот на стопански комори на Македонија се одржа средба помеѓу Претседателот Трајан Ангелоски и раководството на оваа комора и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на која стана збор за потребата од поддршка на домашните мали и средни претпријатија за нивниот иден развој.
„Владата, како што е веќе познато, обезбеди 250 милиони евра поволни средства од унгарската Експорт-импорт Банка, со цел да ги поддржи домашните компании, особено во неизвесни услови на глобално ниво. За таа цел веќе ги дефиниравме условите и средствата се веќе достапни на компаниите. Тие средства се значаен поттик за реализација на инвестиции од страна на малите и средни претпријатија, кои се двигателот на нашата економија, а особено што условите под кои се пласираат преку банките, а кои Владата ги договори претходно, се поповолни од оние што се нудат од деловните банки. За истакнување е дека покрај ниската каматна стапка, значаен е и рокот на отплата до 15 години и грејс период до 3 години што ги охрабрува особено малите и средните претпријатија да влезат во реализација на посериозен инвестициски проект”, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриоска-Кочоска.
Таа додаде дека средствата се веќе достапни и дека најважно е компаниите да подготват проекти и да аплицираат за поддршка. Со тоа ќе обезбедат средства за својот развој и за поттикнување на економската активност во целина.
„Сојузот на стопански комори (ССК) го смета унгарскиот кредит за еден од најповолните, обезбедувајќи значајна поддршка за бизнисите овозможување нов квалитетен инвестициски циклус. На средбата со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска беше договорено бизнис-секторот да подготви листа со царински стапки за нивно усогласување со европските стандарди.Побаравме даночните процедури да се поедностават, и за царинските стапки кои треба да се хармонизираат, наидовме на големо разбирање”, изјави претседателот на ССК Трајан Ангелоски, на заедничката прес-конференција.
ССК го повтори својот став дека данокот за солидарност беше неоправдано воведен и нагласи дека ја ценат проактивноста на Владата во однос на ова прашање.
На средбата беше заеднички контатирано дека вакви средби на кои се споделуват информации за мерките на Владата се особено важни што на компаниите им дава насоки за условите за работа во иднина и дека овие средби се исто така можност да се разговара за одредени прашања кои претставуваат бариери во работењето на компаниите.