Јужна Кореја е подготвена да ги прифати севернокорејските заробеници од Курск

Макфакс

19/02/2025

18:45

831

Големина на фонт

а а а

Јужна Кореја е подготвена да ги прифати севернокорејските војници заробени од украинската армија, доколку покажат желба да дојдат во земјата, објави „Јонхап“, повикувајќи се на соопштение на Министерството за надворешни работи на Република Кореја.

Корејското МНР, како што јави Јонхап, нагласува дека севернокорејските војници според уставот се државјани на Јужна Кореја. Тие додадоа дека почитувањето на нивната слободна волја во однос на репатријацијата е во согласност со меѓународното право и обичајните практики.

„Според тоа, владата ќе им ја обезбеди потребната заштита и поддршка доколку побараат да дојдат во Јужна Кореја, во согласност со основните принципи и релевантните закони за прием на сите поединци“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.


Министерството, исто така, истакна дека Јужна Кореја и ја пренела оваа позиција на Украина и дека ќе продолжи со консултациите со Киев. Тие нагласија дека луѓето не можат насилно да бидат вратени на места каде што би можеле да бидат прогонувани.

Според Јонхап, во интервју за дневниот весник Chosun Ilbo објавено денеска, еден од двајцата севернокорејски војници заробени од Украина во Курск изразил желба да оди во Јужна Кореја. Тоа ќе биде прв таков случај откако Северна Кореја испрати околу 11.000 војници за поддршка на Русија против Украина, додаваат тие.