Преговорите меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Русија без учество на Украина и Европејците само ќе го „стимулираат апетитот на рускиот претседател Владимир Путин“, изјавил за „Франс прес“ неименуван висок украински функционер.
„Ова само ќе го подгрее апетитот на Путин и неговата верба дека тој ќе победи и дека Америка ќе загуби“, изјави функционерот, по денешната руско-американска средба во Ријад, која се одржа без учество на Киев и Европа.
Тој кажа дека тимот на Доналд Трамп ја повторува тактиката на претходните американски претседатели, Барак Обама пред руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и Џозеф Бајден пред сеопфатната руска инвазија на Украина пред три години.
Обама пред 2014 година, како и Бајден пред оваа војна, разговараше со Путин за нас без нас, за Европа без Европа, а некој од тимот на Трамп оди во истата насока, продолжи украинскиот функционер.
„Се чини дека некој од тимот на Трамп или некој негов близок му претставува нереална слика за Русија“, додаде тој.
Украинските власти се надеваат дека ќе добијат детали за американската позиција од специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, кој утре се очекува во Киев во својата прва посета откако Трамп ја презеде функцијата во јануари.
„За нас е важно да слушнеме од Келог што навистина се случува“, вели украинскиот функционер.