Соединетите Држави побараа од европските земји да предложат какви безбедносни гаранции можат да придонесат за Украина, изјавија четири европски извори.
Изворите рекоа дека САД испратиле документ во кој се поставуваат прашања за можните придонеси од војниците, додека два извори велат дека документот бил испратен претходно оваа недела.
„Фајненшл тајмс“ најпрвин објави дека Вашингтон побарал од европските сојузници информации за оружјето, мировните сили и безбедносните ангажмани за Украина.
„Планот очигледно е да се види како европските сојузници гледаат на можната рамка за преговори за ставање крај на конфликтот и можно ангажирање на Европа и САД“, изјави европски дипломат запознаен со документот.
Документот вклучува шест прашања за сите членки на ЕУ, од кои едно се однесува конкретно за членката што го прима документот, рече дипломатот.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно денеска повика на создавање на европска армија, велејќи дека континентот повеќе не може да се потпира на заштитата на САД.
„Американците посегнуваат до европските земји и прашуваат колку војници се подготвени да испратат“, рече трет дипломат.
Американскиот Стејт департмент се уште не одговорил на барањето за коментар.