Иако минатата недела беше пуштена во употреба обновената железничка линија меѓу Скопје и Куманово, првичните податоци покажуваат дека интересот на граѓаните е изненадувачки низок.
Попладневниот воз што денеска тргна од Скопје во 16:30 часот, според информациите од железничките работници, имал само еден патник.
Евтин билет, но малку патници
Новата железничка врска се сметаше за потенцијално економично решение за жителите кои секојдневно патуваат меѓу двата града.
Со цена на билет од само 87 денари во еден правец, возот е значително поповолен од алтернативите како автобусите или сопствениот автомобил.
„Очекувавме барем во првите недели да има поголем интерес, бидејќи цената на билетот е поволна, но за жал, тоа не се случува. Луѓето веројатно се навикнати на автобускиот превоз, а и железничкиот сообраќај долго време беше во лоша состојба, па сега им треба време да стекнат доверба“, ни изјави вработен во железничката станица во Скопје.
Возот сообраќа двапати дневно – утринскиот поаѓа од Куманово кон Скопје во 06:30, додека повратната линија е во 16:30 од главниот град кон Куманово.
Граѓаните скептични за железничкиот сообраќај
И покрај ниската цена, голем број граѓани сè уште се двоумат дали да ја користат оваа линија.
Некои се загрижени за непредвидливоста на железничкиот сообраќај, додека други велат дека сѐ уште не слушнале за оваа опција.
„Живеам во Куманово, а работам во Скопје. Искрено, не сум размислувал да патувам со воз бидејќи автобусите се почести и сум навикнат на нив. Но, ако се покаже како точен и сигурен превоз, зошто да не?“, вели Миодраг Стаменковиќ, кој секојдневно патува до работа.
Други пак, сметаат дека железничкиот превоз би бил поисплатлив ако има подобро поврзување со јавниот транспорт во градовите.
„Кога ќе стигнам со воз во Скопје, треба да чекам долго за да фатам автобус до работното место. Ако има повеќе линии што се прилагодени на овој возен ред, би размислил да го користам“, вели Наташа Илиевска, патничка која неколкупати неделно патува на релација Куманово-Скопје.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.