Оваа компанија сака да стане „Amazon" за патувања

Точка

14/02/2025

14:33

3.144

Големина на фонт

а а а

"Amazon" започна со продажба на книги, потоа ја прошири понудата на "CD-а" и "DVD-а", но со текот на времето, продажбата на книги и медија стана само еден мал дел од нивниот огромен бизнис.

Денес, кога планираме патување – без разлика дали станува збор за викенд-излет или подолго патување – имаме голем избор на веб-страници и сервиси каде што можеме да дознаеме информации за дестинацијата, да резервираме лет, рент-а-кар, екскурзии, сместување и сè друго што ни е потребно.

Еден од најкористените сервиси во овој процес е "Airbnb", но оваа платформа главно се користи само за една работа – резервација на сместување.

Со оглед на тоа што корисниците ја отвораат оваа апликација само кога патуваат, тоа обично се случува еднаш или двапати годишно. Но, извршниот директор на "Airbnb", Брајан Чески, има многу поамбициозни планови – тој сака луѓето да ја користат оваа апликација еднаш или двапати неделно.

Јасно е дека за да се постигне тоа, платформата мора да стане нешто многу повеќе од обична алатка за пронаоѓање сместување.


Инвестиција од 200 до 250 милиони долари

Чески има визија да го претвори "Airbnb" во „Amazon за патувања“ – единствено место каде што корисниците ќе можат да најдат сè што им е потребно за патување и живот.

За време на конференцијата за инвеститори, каде што ги претстави финансиските резултати за последниот квартал од 2024 година, Чески откри дека "Airbnb" остварил раст од 12% на квартално и годишно ниво, што резултирало со скок на цената на акциите за 14%.

Овој раст е делумно поттикнат и од големите планови што тој ги најави. Првиот чекор во нивната реализација ќе биде инвестиција од 200 до 250 милиони долари во нови услуги и понуди на платформата.

Благодарение на овие новитети, "Airbnb" ќе излезе од рамките на краткорочните изнајмувања и ќе се трансформира во проширувачка платформа со многу нови можности.


Сместувањето, кое моментално е главен столб на нивниот бизнис модел, со текот на времето треба да стане само мал дел од вкупното деловно работење на компанијата.

Чески го спореди овој концепт со "Amazon", кој започна со продажба на книги, а подоцна ја прошири својата понуда на "CD-а", "DVD-а" и на крај – на буквално сè.

Истиот модел тој го планира и за "Airbnb", со цел резервациите за сместување да станат само еден мал дел од целосната услуга што платформата ќе ја нуди во иднина.