Кина нуди да организира средба Трамп-Путин без Зеленски, објави Волстрит Журнал

Макфакс

13/02/2025

11:20

266

Големина на фонт

а а а

Кинеските власти му предложиле на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп Кина да организира средба со лидерот на Кремљ Владимир Путин, објави Волстрит Журнал, повикувајќи се на официјални претставници во Пекинг и Вашингтон.

Според овие извори, кинеските функционери му понудиле на тимот на Трамп, во последните недели преку посредници, да организираат самит меѓу него и Путин и „да го олеснат одржувањето на мирот по евентуалниот прекин на огнот“.

Сепак, се забележува дека таквиот предлог наишол на скептицизам во САД и Европа. Весникот наведува дека причина за тоа е загриженоста за се поблиските односи меѓу Пекинг и Москва.

Изворите тврдат дека кинескиот предлог вклучува самит САД-Русија без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Белата куќа одби да потврди дали го добила предлогот од Кина. Во исто време, официјален претставник на американската претседателска администрација изјави дека таков план „воопшто не е остварлив“.

Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон изјави дека не знае за таков предлог, но изрази надеж дека „страните ќе работат на деескалација и ќе бараат политичко решение“.

Изворите посочуваат дека кинескиот лидер Си Џинпинг „не сака кинеската помош за завршување на војната да ги загрози блиските односи меѓу Кина и Русија“. Затоа, „кинескиот предлог не вклучува никаква обврска Пекинг да ја намали големата економска поддршка за Москва“.

Трамп и Путин вчера се договорија да започнат преговори за итен прекин на војната во Украина. Истиот ден, министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Шпанија по средбата истакнаа дека не може да се постигне мировен „договор“ за Украина без учество на Киев и неговите европски партнери.