Повеќето Руси ја слават само својата годишнина од запознавањето или венчавката, а само четири отсто го слават Денот на вљубените, покажа истражувањето на медиумскиот холдинг „Rambler&Co“. Исто толку Руси го слават Денот на љубовта, семејството и верноста, а два отсто ја слават годишнината од првиот бакнеж.
Денот на вљубените во западните земји секоја година се одбележува на 14 февруари, додека Денот на семејството, љубовта и верноста во Русија се слави на 8 јули, пренесе РИА Новости.
„Повеќе од половина Руси (51 отсто) ја слават само годишнината од запознавањето или венчавката. Денот на љубовта, семејството и верноста и 14 февруари го слават четири отсто од испитаниците. Првиот бакнеж како значаен датум е важен за два отсто од граѓаните“, пишува во истражувањето.
Исто така истражувањето покажа дека мажите почесто забораваат важни настани во врските – 46 отсто во споредба со 34 отсто од жените.
Кога станува збор за славење, повеќето парови (67 отсто) ја претпочитаат удобноста на домот.
Размената на подароци на важни датуми е популарна кај 14 отсто од испитаниците.
Студијата беше спроведена од 30 јануари до 6 февруари 2025 година и опфати 39.068 корисници на интернет, вклучувајќи 50 отсто мажи и 50 отсто жени.
Според податоците од друго истражување, спроведено од аналитичарите на „SuperJob“ за РИА Новости, руските ергени се подготвени да потрошат речиси 1,5 пати повеќе за подарок за својата сакана во споредба со девојките.
„Излегува дека машкиот буџет е поголем од женскиот: подарок од момче за девојка чини во просек 5.000 рубли (50 евра), од девојка за момче – 3.500 рубли; подарок од сопруг за сопруга – 4.500 рубли, од сопруга за сопругот – 3.700 рубли“, покажа истражувањето.
Во Москва подароците се најскапи: за девојка – во просек 5.700 рубли, за жена – 5.000 рубли, за сопруг – 4.000 рубли и за момче – 3.500 рубли.
Санкт Петербург е на второ место по потрошувачката: таму луѓето ќе потрошат 4.300 рубли за саканата личност, 4.400 рубли за сопругата, 3.500 рубли за сопругот и 3.000 рубли за момче.
Во оваа студија учествуваа 1.600 претставници на економски активното население од сите области на земјата.